Славење на мајчиниот јазик и литературата со активности низ целата година

Околу 420 романи од европски автори се досега преведени на македонски и издадени со поддршка од ЕУ, преку програмата „Креативна Европа“. По повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик (21 февруари), Јуроп Хаус – Скопје изложи примероци од сите овие книги и почна серија настани посветени на македонскиот јазик и литература. Бидејќи, како што рече амбасадорот на ЕУ Дејвид Гир, оваа литература има многу што да и’ понуди на ЕУ.

 

„Раѓањето на зборот“ е позната песна на Ацо Шопов, еден од основачите на современата македонска поезија. Тоа е и насловот на серијата активности кои Делегацијата на ЕУ ги започна на 21 февруари за промоција на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик преку литературата.

На првиот настан, кој го следеше форматот на претходно започнатите „Културни разговори“, во Јуроп Хаус се собраа линвисти, писатели (вклучувајќи го и добитникот на Европската награда за литература, Петар Андоновски), претставници на Владата и на ЕУ за да разговараат за важноста на јазикот, за неговата интимна врска со говорителите и читателите, како и за неговата заштита и промоција преку литературата. Во оваа пригода, во Јуроп Хаус беа изложени околу 420 романи од европски писатели преведени на македонски со помош на „Креативна Европа“, а нивните наслови се најдоа на фасадата од просториите.

https://twitter.com/AmbassadorEU/status/1628446954832134158?cxt=HHwWnICw5ZT4s5ktAAAA

Активностите продолжуваат во март, со отворање на мултимедијална изложба во Резиденцијата на ЕУ насловена „На работ од зборовите“, која се организира во партнерство со галеријата Акантус.

Освен на одбележувањето на стогодишнината од раѓањето на Ацо Шопов на 21 март, Светскиот ден на поезијата, Делегацијата на ЕУ, во текот на оваа година и во различни пригоди, ќе се приклучи и на оддавањето почит на големиот писател и филолог Блаже Конески, на поетот Кочо Рацин и на филологот и етнограф Крсте Мисирков.

Во рамките на „Патувачкиот читачки клуб“, книгите преведени со поддршка од ЕУ ќе бидат претставени во останатите Јуроп Хаус ширум земјата и ќе им бидат достапни на локалните читатели во период од два месеци. Во истовреме ќе се организираат поетски читања.

Во 2023 година се навршуваат десет години од воведувањето на наградата за најдобар млад преведувач „Вавилон“. Свеченото доделување, кое традиционално се одржува на 26 септември – Европскиот ден на јазиците, ќе биде во Националната и универзитетска библиотека, како симболична ризница на сите изданија на македонски јазик.