17-ти состанок на Поткомитетот на Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу Европската комисија и Северна Македонија за правда, слобода и безбедност
На 15-16 март 2023 година во Брисел се одржа 17-тиот состанок на Поткомитетот за стабилизација и асоцијација за слобода, безбедност и правда меѓу Северна Македонија и Европската комисија. Со состанокот копретседаваа г-а Микела Матуела, в.д. директор и раководител на единицата за Албанија, Северна Македонија во Генералниот директорат за европска соседска политика и преговори за проширување при Европската комисија и г-а Светлана Влаховиќ Димановска, раководител на Секторот за преговори и интеграција во ЕУ при Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија.
Поткомитетот направи преглед на случувањата поврзани со областите опфатени со поглавјата 23 Судство и фундаментални права и 24 Правда, слобода и безбедност.
Националните власти истакнаа дека судските реформи остануваат клучен приоритет. Комисијата го потврди постигнатиот напредок и укажа на потребата од продолжување на имплементацијата на судската легислатива, вклучително и правилата за назначувања врз основа на заслуги, унапредувања, дисциплина и постапки за разрешување на судии и обвинители. Досегашните достигнувања и резултати за спречување и борба против корупцијата, вклучително и на високо ниво треба да се консолидираат.
Во однос на основните права, Комисијата го охрабри спроведувањето на законодавството против дискриминација и за заштита од семејно насилство. Властите треба да ја зајакнат имплементацијата на Конвенцијата за правата на детето и да изготват Национален акциски план за децата. Комисијата ја истакна потребата да се зголемат заложбите за адресирање на препораките на Комитетот за спречување тортура. Се разговараше и за слободата на медиумите, безбедноста на новинарите и реформата на јавниот сервис.
Во однос на внатрешните работи, поткомитетот го истакна напредокот постигнат во развојот на правната рамка во областа на спречување на перење пари, финансиски истраги и замрзнување и конфискација на имотот, како и во борбата против трговијата со луѓе, нагласувајќи ја потребата да се забрза имплементацијата. Беше забележана потребата од натамошен напредок во согласност со извонредните препораки на ГРЕКО. Комисијата го охрабри зајакнувањето на соработката и со ЦЕПОЛ и со ЕВРОПОЛ. Континуираната добра соработка, вклучително и во рамките на EMПАКТ, придонесува во борбата против организираниот криминал.
Поткомитетот го поздрави напредокот постигнат во Аранжманот за спроведување на „Заедничкиот акциски план за борба против тероризмот за Западен Балкан“. Поткомитетот се согласи за потребата од управување со мешаните миграциски текови земајќи ги предвид безбедносните и хуманитарните аспекти. Потребни се дополнителни заложби за спроведување на процедурите за азил во согласност со Заедничкиот европски систем за азил. Поткомитетот го поздрави склучувањето на Договорот за статус меѓу ЕУ и Северна Македонија за оперативните активности што ги спроведува Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) и неговото претстојно стапување во сила.