Осумнаесетти состанок на Поткомитетот на Спогодбата за стабилизација и асоцијација за трговија, индустрија, царина и оданочување меѓу Европската комисија и Република Северна Македонија

17.12.2021

Онлајн состанок, 16 декември 2021 година

 

Осумнаесеттиот состанок на Поткомитетот за стабилизација и асоцијација за трговија, индустрија, царина и оданочување помеѓу Северна Македонија и Европската комисија, се одржа виртуелно на 16 декември 2021 година. Со состанокот копретседаваа г-а Абази-Рамадани, раководител на Одделот за европска интеграција при Министерството за економија и г. Камарата, заменик-шеф на служба во Генералниот директорат за европска соседска политика и преговори за проширување при Европската комисија.

За прашањата поврзани со трговијата, Европската комисија го поздрави високото ниво на трговска интеграција на Северна Македонија со ЕУ и позитивно забележа дека нема билатерални трговски бариери. Страните разменија детални трговски статистички податоци. Иако 2020 година беше многу предизвикувачка година поради пандемијата на COVID-19 и вкупната билатерална трговија опадна за 12,9%, новите бројки од 2021 година покажуваат закрепнување. Покрај тоа, компаниите од ЕУ убедливо остануваат водечки инвеститори, и учествуваат со над 60% во уделот на странски директни инвестиции во Северна Македонија во 2019 година. Северна Македонија е посветена на подобрување на севкупниот административен капацитет во однос на трговската политика, ЦЕФТА и работата во рамките на СТО, како и спроведувањето на Акцискиот план за заеднички регионален пазар. Комисијата го поздрави тоа што земјата ја усогласи својата национална контролна листа на стоки со двојна употреба со листата на ЕУ и испитува што треба да се направи за да го усогласи своето законодавство со новата Регулатива на ЕУ за контрола на извозот на стоки и технологии со двојна употреба. Комисијата понуди помош во оваа активност и ја потсети Северна Македонија на својата понуда да ја направи достапна алатката за е-лиценцирање на ЕУ, доколку тоа биде побарано.

Во врска со слободното движење на стоки, Европската комисија ја нагласи потребата од зајакнување на административните капацитети за спроведување на правната рамка. Северна Македонија извести за преземените напори за отстранување на преостанатите нетарифни бариери во трговијата. Исто така, Европската комисија ја информираше Северна Македонија за новата Регулатива за надзор на пазарот која стапи на сила во јули 2021 година.

Во однос на оданочувањето, Европската комисија охрабри да се подобри капацитетот на даночната администрација преку ефикасно спроведување на стратегијата за реформа на даночниот систем и да се развие нов интегриран ИТ даночен систем за Управата за јавни приходи. Северна Македонија треба да го подобри усогласувањето со правилата за ДДВ во врска со електричната енергија за да ја забрза својата интеграција на регионалниот пазар на електрична енергија. Во врска со царините се имплементира и промовира концептот на овластени економски оператори (ОЕО). Целосно е функционален електронскиот систем за обработка на царински декларации и акцизни документи. Земјата обезбеди ажурирани информации за царинската заемна административна помош и борбата против измами. Европската комисија го охрабри натамошниот развој на нејзините царински ИТ системи во согласност со Повеќегодишниот стратешки план на ЕУ. Комисијата, исто така, го претстави пакетот за е-трговија на ЕУ.

Во однос на претпријатијата и индустриската политика, Комисијата ја охрабри Северна Македонија да обезбеди ефективна имплементација, следење и евалуација на стратегиите и мерките за политиките во оваа област и да продолжи со прогресивно усогласување на Законот за финансиска дисциплина со Директивата за плаќање на ЕУ. Што се однесува до туризмот, Северна Македонија е посветена на усогласување на стратегиите и активностите со целите и приоритетите на ЕУ, вклучително и предизвиците поврзани со одржливоста и зелената транзиција. Конечно, Комисијата ја истакна потребата од спроведување на мерките предвидени во Програмата за економски реформи, како и во Насоките за политиките засновани на Економскиот и финансискиот дијалог.