Седумнаесетти состанок на Поткомитетот на Спогодбата за стабилизација и асоцијација за внатрешен пазар, конкуренција, заштита на потрошувачите и здравјето меѓу ЕУ и Северна Македонија

10.02.2022

Виртуелен состанок, 9 февруари 2022 год.

Седумнаесеттиот состанок на Поткомитетот на Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) за внатрешен пазар, конкуренција, заштита на потрошувачите и здравјето помеѓу ЕУ и Северна Македонија се одржа виртуелно на 9 февруари 2022 година. Со состанокот за ЕУ ​​копретседаваa г. Збигњев Зак, постојан секретар на Поткомитетот при Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Комисијата, и г-ѓа Ардијана Абази Рамадани, државен советник во Министерството за економија на Северна Македонија.

Во областа на политиката на конкуренција, Комисијата ја истакна важноста од усогласување на секундарното законодавство со законодавството на ЕУ во областа на државната помош и ги поздрави напорите што ги направија властите за известување за одлуките за државна помош. Во однос на антитрустот и спојувањата, Комисијата забележа дека се потребни дополнителни напори за усогласување на секундарното законодавство со законодавството на ЕУ и за натамошно развивање на стабилна евиденција на спроведување.

Во врска со авторските права, Европската комисија ги охрабри властите во Северна Македонија да ги усвојат измените на Законот за авторски и сродни права. За правата од индустриска сопственост, властите имаат за цел да го усогласат законодавството со правото на ЕУ во областа на деловните тајни. Комисијата ги поздрави програмите за меѓународна соработка на Северна Македонија.

Што се однесува до слободата на давање услуги, Комисијата ги охрабри властите во Северна Македонија да продолжат со ревидирањето на постојните регулативи со цел да се осигури нивната усогласеност со Директивата за услуги на ЕУ. Во однос на поштенските услуги, каде што целосното отворање на пазарот беше повторно воведено од 1 јануари 2022 година, Комисијата ја повика Северна Македонија да обезбеди ажурирани информации за следните чекори во процесот на поштенски реформи.

Во делот на здравствената заштита, Комисијата информираше за нови иницијативи на ниво на ЕУ. Во врска со тутунот, Комисијата повика на соодветно спроведување на законот за пушење и комплетирање на ратификацијата на Рамковната конвенција на СЗО за контрола на тутунот. Ја поздрави соработката на Северна Македонија со Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) и ги охрабри властите да ги интензивираат напорите за објавување извештаи за регистрите за рак и поединечни ретки болести и да извршат усогласување со правото на ЕУ во областа на правата на пациентите во прекуграничната здравствена заштита.

Во однос на јавните набавки, Комисијата ги потврди напорите направени од страна на земјата во контекст на приклучувањето кон Договорот на СТО за државните набавки и ја повтори својата поддршка во овој процес. Комисијата ја истакна важноста од почитување на принципите за јавни набавки утврдени во правото на ЕУ. Комисијата ги повика властите да го усвојат законодавството за приватно-јавно партнерство и концесии заради понатамошно усогласување со Директивата на ЕУ во оваа област.

Во врска со слободното движење на капиталот, дискусијата се фокусираше на зголемената либерализација на капиталот во рамките на втората фаза од ССА. Во однос на борбата против перењето пари и финансирањето тероризам, се разговараше за имплементацијата на постоечкиот закон и подготовката на нов закон во оваа област што се фокусира на прашања како што се регистрирање на вистинската сопственост и враќање на имотот.

Во однос на финансиските услуги, Комисијата ги охрабри националните власти да продолжат да го спроведуваат правото на ЕУ. Што се однесува до банките и финансиските конгломерати, Комисијата ги забележа плановите на властите да усвојат закон за преструктуирање на банките и се распрашa за потенцијалните подзаконски акти. Во однос на осигурувањето, Комисијата ја охрабри земјата да го усвои законодавството што ја приближува Директивата за солвентност II. Конечно, Комисијата го поздрави планираното усвојување на законодавството за усогласување со правото на ЕУ во областа на пазарите на хартии од вредност и инвестициските фондови.