Добрите практики во управувањето со отпадот му ја донесоа на Прилеп првата Награда за најзелена општина

На 6 јуни, амбасадорот на ЕУ Дејвид Гир му ја додели на градоначалникот на Прилеп Борче Јовчески наградата што Делегацијата на ЕУ ја воведе во рамки на кампањата за промовирање на Зелениот договор на ЕУ. Целта на конкурсот е да поттикне повеќе активности кои би служеле како пример – од локалните власти, од владата и од самите граѓани.

 

Green Municipality Award

 

Несоодветното управување со отпадот ги загрозува нашите природни ресурси, длабоко го нарушува биодиверзитетот и има сериозни последици врз нашата и врз иднината на генерациите што доаѓаат.

Општина Прилеп одамна ја препозна важноста на ова прашање. Уште во 2012 година воспостави систем за селекција и собирање отпад од врата на врата. Системот постепено се прошируваше за да опфати лани дури 75% од домаќинствата. Заедно со придобивките за локалната заедница дојде и признанието за напорите – Наградата за најзелена општина за најдобри практики во управувањето со отпад за 2021 година.

https://twitter.com/AmbassadorEU/status/1533840708204912641?cxt=HHwWgoCzqev_pckqAAAA

Управувањето со отпад е еден од најголемите еколошки предизвици. ЕУ му пристапува на ова прашање со сериозност и го воведе концептот на циркуларна економија – еден од главните столбови на Зелениот договор, кој е новата агенда на Европа за одржлив развој. Договорот го гледа отпадот не само како предизвик, туку и како можност за развој.

„Преминувањето кон општество кое рециклира, кон кружна економија и зелен развој е за доброто на сите нас. Но тоа бара координирана и ефикасна акција на властите, и на централно и на локално ниво. ЕУ и натаму ќе ги поддржува – политички и финансиски – позитивните иницијативи во тој правец, вклучително и преку Зелената агенда на Економско-инвестицискиот план за Западен Балкан“, рече амбасадорот Гир при доделувањето на наградата.

ЕУ, која е најголем донатор во Северна Македонија, досега го поддржала секторот за управување со отпад со над 50 милиони евра. Ова вклучува и воспоставување самоодржливи и интегрирани системи за управување со отпад во источниот и североисточниот регион од земјата, целосно во согласност со еколошките стандарди на ЕУ. Со цел да им помогне на општините да дојдат поблиску до целите на Зелениот договор, ЕУ ќе им обезбеди грантови за енергетска ефикасност на јавните објекти – нешто што е од исклучителна важност во сегашните услови.

Конкурсот за најзелена општина беше објавен на 3 март 2022 година, на Светскиот ден на дивиот свет. Сите општини во Северна Македонија беа поканети да учествуваат, претставувајќи ги нивните најдобри примери во управувањето со цврст отпад минатата година. Аплицираа осум општини: Берово, Центар (Скопје), Кавадарци, Охрид, Пехчево, Прилеп, Тетово и Зелениково. Прилеп беше избран за победник на конкурсот од жири составено од експерти од Делегацијата на ЕУ, од организациите Гоу Грин и Еко-свест и од Јуроп Хаус Скопје. Делегацијата на ЕУ очекува уште повеќе апликации и најдобри практики во следното издание на наградата.