THIS CONTENT HAS BEEN ARCHIVED

Визна либерализација: Извештај на Комисијата за исполнување на визните услови од страна на земјите на Западен Балкан и Источното партнерство

20.12.2018
Text

Комисијата денеска дава извештај за проценката на исполнување на одредниците за визна либерализација од страна на земјите на Западен Балкан: Албанија, Босна и Херцеговина, поранешна југословенска Република Македонија, Црна Гора и Србија, како и земјите од Источното партнерство: Грузија, Молдавија и Украина.  Овој годишен извештај покажува дека условите за визна либерализација за дадените земји и понатаму се исполнуваат, но во некои случаи неопходно е веднаш да се дејствува во конкретни области кај одредени земји за да таквата состојба продолжи и понатаму.

Комесарот за миграции, внатрешни работи и државјанство Димитрис Aврамопоулос рече: „Безвизното патување со нашите партнери од Западен Балкан и Источна Европа е големо достигнување во полза на двете страни. Тоа, исто така подразбира и одговорности и обврски.  Го поздравувам натамошното исполнување на обврските во сите засегнати земји, но повикувам на брзи и зајакнати заложби за да се продолжи со справувањето со нередовните миграции, и борбата против корупцијата и организираниот криминал во одредени случаи."

Безвизното патување дава важни придобивки за Европа и партнерите, и се јакнат социјалните, културните и економските врски. Исто така, тоа значи и одговорност за одржување на напредокот постигнат за време на дијалогот за визна либерализација и доброто управување со миграциите и безбедноста. Денешниот извештај следува по препораките на Комисијата од декември 2017 и ја оценува состојбата со мерките кои се преземени од страна на засегнатите земји во измината година.

Неопходни натамошни заложби за справување со нередовните миграции

Во сите 8 земји се преземаат мерки за справување со нередовните миграции, меѓутоа, неопходни се натамошни заложби за да се подобрат и обезбедат одржливи резултати:

  •   Нередовните миграции од Украина, Србија и Босна и Херцеговина кон ЕУ и понатаму се изразени, а зголемениот број на неосновани барања за азил во ЕУ од граѓаните на Mолдавија и Грузијаe претставува извор на загриженост;
  • Aлбанија презема ефективни мерки за справување со нередовните миграции, кое резултираше во намалување од 32%  на бројот на барања за азил во првата половина на 2018 год. Треба и понатаму да се продолжи и да се подобрува работата на тој план;
  • Потребно е повеќе да се работи на целосната усогласеност со визната политика на ЕУ. Србија го прекина безвизниот режим за Иран, но останува загриженоста за останатите земји кои имаат безвизен пристап во Србија;
  • Соработката за реадмисија и враќање продолжува непречено во сите засегнати земји. Меѓутоа, останува простор за подобрување, особено во однос на реадмисија на државјани на трети земји, особено во Србија.

Потесната соработка на Eвропската гранична и крајбрежна стража со партнерите од Западен Балкан ќе помогне во управувањето со нередовните миграции.  Првиот договор за статус беше потпишан со Aлбанија; Србија и поранешна југословенска Република Македонија ги потпишаа договорите; и постапките се во завршна фаза за Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Неопходно е поголемо дејствување за борба против организираниот криминал и корупција

Покрај мерките кои се преземаат во борбата против организираниот криминал, неопходни се натамошни зајакнати заложби од сите 8 земји. Од Молдавија и Украина се бара неодложно да дејствуваат во однос на корупцијата:

  • Oрганизирани криминални групи од 8-те земји се активни во низа на различни криминални активности во ЕУ, и тоа трговија со незаконски стоки, имотни деликти, перење пари, трговија со луѓе, дрога, криумчарење мигранти и компјутерски криминал;
  • Иако Молдавија има преземено активности против перењето пари кое е утврдено со Првиот извештај во декември 2017 год., Mолдавија треба неодложно да преземе чекори во борбата против корупцијата како проблем од итна важност;
  • Поголеми заложби се неопходни од Украина во борбата против корупцијата за да се обезбеди целосна имплементација и одржливост на претходните реформи и за постапување по преостанатите препораки од декември 2017 год.

Идни чекори

Комисијата ќе го следи континуираното исполнување на условите за визна либерализација и ќе го известува Европскиот парламент и Советот најмалку еднаш годишно.

Заднина

Денешниот извештај следи по обврската на Комисијата во рамки на зајакнатиот механизам за визна суспензија, усвоена во март 2017 год,  за да се следи континуираното исполнување на условите за визна либерализација од трети земји и да го известува Европскиот парламент и Советот најмалку еднаш годишно. Денешниот извештај е втор извештај во рамки на новиот механизам за визна суспензија, кој следува по првиот извештај објавен во декември 2017 год.

Проценката на одредниците за визна либерализација се спроведува за земјите кои успешно го завршија дијалогот за визна либерализација согласно релевантните акциски планови и патокази, односно земјите на Западен Балкан и земјите од Источното партнерство.  Извештајот ги опфаќа областите каде е неопходно и понатаму да се работи за да се постигне одржлив напредок.

Граѓаните на Црна Гора, Србија и поранешна југословенска Република Македонија можат да патуваат во ЕУ без визи од декември 2009 год.  Граѓаните на Албанија и Босна и Херцеговина ја имаат таа можност од крајот на 2010 год.  За Молдавија безвизното патување стапи во сила во април 2014 год., за Грузија во март 2017 год. и за Украина во јуни 2017 год.

За повеќе информации

Прашања и одговори: Извештај за исполнување на условите за безвизен режим

Втор извештај на механизмот за визна суспензија

Работен документ на Комисијата во прилог на Вториот извештај во рамки на механизмот за визна суспензија

Категорија
Press releases
Location

Bruxelles

Editorial sections
Europe and Central Asia
Western Balkans
North Macedonia