Високата претставничка и потпретседателка на Европската комисија Калас во Скопје: Северна Македонија припаѓа во ЕУ

Во обраќањето на заедничка прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски, високата претставничка Каја Калас рече дека ЕУ стои цврсто со Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ, дека нејзината иднина е во ЕУ, и дека треба да го задржи курсот и да ги направи следните чекори неопходни за отворање на преговорите. 

 

Таа ги нагласи усогласеноста на земјата со европската заедничка безбедносна и надворешна политика, нејзиниот придонес кон мисијата Алтеа во БиХ и напорите на Владата во однос на Реформската агенда. 

Во текот на посетата, која беше дел од турнеја низ Западен Балкан, Калас, заедно со министрите за надворешни работи и одбрана, Тимчо Муцунски и Владо Мисајловски, учествуваше во отворањето на Дијалогот за безбедност и одбрана меѓу ЕУ и Северна Македонија. 

Високата претставничка на ЕУ и министерот за одбрана ја посетија и Балканската медицинска наменска сила во касарната „Илинден“. Од 2023 година наваму, Советот, преку Европскиот мировен фонд (ЕМФ), усвои три билатерални пакети поддршка за зајакнување на капацитетите на Армијата на Северна Македонија, во вкупна вредност од 38 милиони евра. Овие пакети и’ обезбедуваат на Северна Македонија воена опрема и обуки во областа на логистиката, инженерството, разузнавањето, надзорот и извидувањето, електронското војување, мобилноста, комуникациските и информациските системи, медицинската и опремата за обука. Северна Македонија користи поддршка од ЕМФ и преку регионалната мерка за помош за Балканската медицинска наменска сила, во износ од 6 милиони евра за обезбедување медицинска опрема и теренски болници.

Високата претставничка Калас ја заврши посетата со средба со млади во Јуроп Хаус.

 

HRVP visit

HRVP visit

HRVP visit