Во рамки на преговарачкиот процес, започна скринингот за кластерот „Темели“ со Северна Македонија

На 15 септември 2022 година, Европската комисија го продолжи процесот на скрининг со Албанија и Северна Македонија.

Експерти од Европската комисија, Албанија и Северна Македонија го почнаа образложувањето на законите и политиките на ЕУ кои се дел од кластерот 1 „Темели“.

Аналитичкото образложување на законодавството на ЕУ (acquis), кое се нарекува скрининг, им овозможува на земјите-кандидати да се запознаат со законите и стандардите на ЕУ и со обврските што произлегуваат од нив. Тоа овозможува и да се проверат нивото на подготвеност на земјите и плановите за натамошно усогласување и на тој начин да се добијат првични показатели за прашањата кои најверојатно би се појавиле во преговорите. Скринингот е првиот чекор во процесот на пристапни преговори. За Албанија и Северна Македонија тој веќе започна на 19 јули 2022 година, веднаш по меѓувладините конференции. Процесот на скрининг се заснова на шест тематски кластери. Овие кластери ги опфаќаат релевантните поглавја од законодавството и широки области поврзани со доброто владеење, внатрешниот пазар, економската конкурентност и поврзувањето.

Скринингот се состои од две фази:

  1. Објаснувачка сесија, на која одделите на Комисијата го образложуваат законодавството на ЕУ по поглавја;
  2. Билатерална сесија, на која секоја земја-кандидат ја претставува својата подготвеност, по поглавја, да го усвои и примени законодавството.

Европската комисија ќе направи оценка и ќе го извести Советот за степенот на подготвеност на земјата-кандидат за одделни кластери, за плановите на земјата-кандидат за идни подготовки и за првичните показатели за прашањата кои најверојатно би се појавиле во преговорите.

Советот ќе одлучи, едногласно, дали да определи одредници за отворање на секој кластер од преговорите, врз основа на предлогот што Комисијата ќе го даде во извештајот од скринингот.