Делегацијата на ЕУ доби Младински советодавен одбор: Засилување на гласот на младите во иницијативите на ЕУ
Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија е меѓу првите во Западен Балкан што формира Младински советодавен одбор. Формирањето на ова тело е дел од поширока иницијатива што произлегува од стратешките документи на ЕУ за младите, кои нагласуваат дека гласот на генерациите што ќе ја обликуваат иднината на Европа и светот треба да се чуе гласно и јасно – уште од сега.
Делегацијата го основа ова тело на 30 јануари 2026 година, неколку месеци откако претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, доби свој Младински советодавен одбор.
Идејата е да се создаде не само консултативно тело, туку платформа за дијалог меѓу Делегацијата на ЕУ и младите од Северна Македонија. И на тој начин да се осигура дека активностите на ЕУ во земјата создаваат позитивни промени за младите, вклучително и помагање да го развијат нивниот потенцијал и да го искористат максимално за да успеат во своите заедници.
Преку работилници, консултативни настани и квартални состаноци, Младинскиот советодавен одбор ќе дефинира мислења за активностите на ЕУ, особено оние поврзани со Планот за раст на Западен Балкан, со планирањето и спроведувањето на претпристапната помош (ИПА) и со процесот на ЕУ-интеграција на земјата, вклучувајќи го и годишниот извештај на Европската комисија.
„Нашите очекувања се високи бидејќи веруваме во огромниот потенцијал во секој од вас. Ве охрабруваме да ги споделите вашите очекувања, мисли и да бидете храбри во предлагањето нови идеи. Заедно, ќе се погрижиме иницијативите на ЕУ да останат значајни и корисни за вас, младите од Северна Македонија. И заедно, ќе постигнеме резултати“, рече амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас, на конститутивната седница на Одборот.
Младите сочинуваат речиси 21% од населението во Северна Македонија. Неодамнешните податоци покажуваат дека 80% од луѓето на возраст од 18 до 24 години го поддржуваат членството во ЕУ, што е значителен пораст во однос на 60% во 2024 година.