Ден на Европа 2026: Славејќи ја силата на заедништвото
На 9 Мај - Денот на Европа, Градскиот парк во Скопје беше динамично место каде се испреплетуваа музиката, креативноста и граѓанска иницијатива. И покрај повремениот дожд, околу 5.000 граѓани уживаа во целодневната програма која вклучи настап на популарни домашни музичари - Дина Јашари, Звада, Конкеринг Лајон, Дапанк и Дабл, и Емили Нас и Мартина Пенева, детски изведби (на студиото за танц „Еурека“, вклучително и на деца со попреченост), како и игри на отворено, штандови со „бавна храна“ и можност за запознавање локални еко-бизниси, купување половни работи и учење за урбаното зеленило.
Музиката беше главен белег и на активностите што по повод Денот на Европа се одржаа во Битола. Откако на 4 мај таму почна националната прослава, со концерт на оркестарот на Институтот Фејмс, на 14 мај Битола беше домаќин на двоен настап – на бендот Фанк Шуи и на локалниот електронски музичар Дејан Декс.
Во Велес, фокусот беше на животната средина. На 12 мај, граѓани, локални организации и претставници на Делегацијата на ЕУ, земјите-членки на ЕУ и на Општината засадија 3.000 дрвца во близина на езерото Младост, област која во изминатите години беше силно погодена од шумски пожари.
Јуроп Хаус Тетово, пак, стави акцент на литературата, организирајќи на 19 мај саем на книга, со учество на издавачки куќи, автори, ученици и љубители на книгата. Активностите вклучија панел-дискусии со писатели и настани за деца.
Образовните и можностите за студентска размена беа тема на настанот што Јуроп Хаус Струмица го организираше во Штип на 21 мај. Тој се состоеше од саем за можностите што ги нуди ЕУ и дискусија насловена „Можности без граници: младите, Еразмус + и ЕУ“.
Програмата по повод месецот на Европа се заокружи на 6 јуни со прекугранична велосипедска тура околу Охридското Езеро и со локален фестивал. Во организација на Јуроп Хаус Струга, во соработка со Јуроп Хаус Тирана и со делегациите на ЕУ во Северна Македонија и Албанија, 80 велосипедисти учествуваа во турата долга 90 километри, испраќајќи силна порака на поддршка за одржливата мобилност, еколошката свест и прекугранична соработка.
Кон прославата придонесоа и локалните младински совети ширум земјата. Во Гевгелија, Кочани, Охрид и Штип беа организирани настани посветени на поезијата, филмот, уметноста, солидарноста и младинското учество и претприемништво. Во Кочани, на пример, дваесетина млади уметници ги претворија скалите од трговскиот центар во мурал што ги слави различноста, хуманоста и себеизразувањето.
На традиционалниот прием по повод Денот на Европа во Скопје, националната химна ја изведе Тина Русева, победничка на натпреварот „Гласот на Европа 2025“. Тина, која е од Северна Македонија и живее во Германија, настапи во придружба на музичарите Бојана Митковска, Марија Риатовска и Виктор Манев.
Во рамки на одбележувањето се одржа и конференција по повод 30 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу ЕУ и Северна Македонија, каде учесниците разговараа за патот на земјата кон ЕУ. Бидејќи оваа година се навршуваат 40 години од зачленувањето во ЕУ на Португалија и Шпанија, амбасадорите на двете земји во Скопје ги претставија значајните економски, демократски и социјални придобивки од пристапувањето, како и начините на кои нивните земји придонесоа кон ЕУ, правејќи ја не само поголема, туку и посилна.