Европскиот црвен елен се врати на Галичица со помош на ЕУ
Стотина црвени елени (Cervus elaphus) денес го населуваат Националниот парк Галичица. Ова не би било невообичаено – освен ако не знаевме дека овој животински вид исчезна од паркот пред дваесетина години.
Во 2018 година, националниот парк доби грант од ЕУ во рамките на програмата за подобро управување со заштитени области. Со буџет од речиси 470.000 евра, главно средства од ЕУ, раководството на паркот постигна значајни резултати.
Се основа репродуктивен центар за црвени елени на површина од речиси 90 хектари, а првите 30 грла пристигнаа кон крајот на 2019-та и во почетокот на 2020 година. Благодарение на напорите на вработените во паркот, број на елените се зголеми трипати.
Но, зошто враќањето на црвениот елен беше толку важно за Галичица?
Сувите пасишта, типични за овој национален парк, беа загрозени во изминатите децении. Во отсуство на добиток, пасиштата обраснаа и тоа почна да влијае врз нивниот биодиверзитет и врз пејзажот. Враќањето на црвениот елен, како автохтон тревопасен вид во Галичица, беше мерка за зачувување на пасиштата. Видеото најдобро ги отсликува резултатите. /media/76783
Растрчаните елени ја дополнуваат убавината на Галичица и притоа ја заштитуваат нејзината биолошка разновидност. Но, ова не е единствената придобивка од помошта од ЕУ.
Благодарение на истиот грант, паркот ја надгради својата програма за мониторинг на биодиверзитетот, а набави и противпожарна и опрема за набљудување. Исто така ангажира дополнителен персонал, кој помага во мониторингот, во подигнувањето на свесноста за потребата од заштита на природата и во подобрувањето на планирањето.