Европски мировен фонд: Советот ја усвои третата мерка за билатерална помош за поддршка на Армијата на Република Северна Македонија
Советот денеска усвои мерка за помош во вредност од 15 милиони евра во рамките на Европскиот мировен фонд. Целта е да се зајакнат одбранбените капацитети и способности на Армијата на Република Северна Македонија и нејзината оперативна подготвеност. Одлуката ја надополнува досегашната поддршка во рамките на билатералните програми за поддршка за 2023 и 2024 година. Оваа нова помош ја зголемува билатералната поддршка на ЕМФ за Северна Македонија до 38 милиони евра до денес. Новата мерка за помош, исто така, ќе го зголеми потенцијалот на Северна Македонија да придонесе во операциите и мисиите на Заедничката безбедносна и одбранбена политика (ЗБОП) на ЕУ и во сите меѓународни коалиции.
Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, изјави: „Денес се согласивме да ѝ обезбедиме на Северна Македонија дополнителни 15 милиони евра поддршка од ЕУ за нејзината армија. Ова вклучува сè, од опрема за собирање разузнавачки информации и надзор, до возила и опрема за борбена обука. Нашата поддршка ќе ѝ помогне на Северна Македонија да придонесе кон регионалната стабилност и безбедност, што е од огромно значење за Западниот Балкан, како и за ЕУ. Покрај вкупно 38 милиони евра што ЕУ сега ѝ ги обезбеди на Северна Македонија за спречување на конфликти и зајакнување на регионалната стабилност, ЕУ целосно ја поддржува Северна Македонија на патот кон членство во ЕУ и со нетрпение ја очекувам мојата прва посета следниот месец таму за дополнително да разговараме за нашата заедничка агенда“.
Денешната одлука го илустрира континуираниот ангажман со Северна Македонија во областа на безбедноста и одбраната, исто така и во поглед на потпишувањето на партнерството за безбедност и одбрана меѓу ЕУ и Северна Македонија минатиот ноември, и го одразува целосното усогласување на земјата со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
Европскиот мировен фонд ќе ѝ обезбеди на Армијата на Република Северна Македонија опрема од областа на разузнавање, надзор и извидување и електронско војување; комунални и инженерски возила; комуникациски и информациски системи; како и опрема за борбена обука. Исто така, ќе обезбеди, доколку е потребно, материјали и услуги, вклучително и оперативна обука.
Контекст и следни чекори
Европскиот мировен фонд беше основан во март 2021 година за финансирање на активности во рамките на заедничката надворешна и безбедносна политика за спречување на конфликти, зачувување на мирот и зајакнување на меѓународната безбедност и стабилност. Особено, Европскиот мировен фонд ѝ овозможува на ЕУ да финансира активности наменети за зајакнување на капацитетите на трети држави и регионални и меѓународни организации поврзани со воени и одбранбени прашања.