ЕУ за подобри - физички и наставни - услови во стручните училишта

Благодарение на ЕУ, учениците од три средни училишта кои служат како регионални центри за стручно образование (Куманово, Охрид и Тетово) добиваат не само реновирани простории, туку, уште поважно, најмодерни услови за стекнување вештини кои ги бара денешниот пазар на труд.

 

Градежна механизација веќе 11 месеци работи на училишна зграда во Куманово, стара 75 години. Реновирањето напредува добро и треба да заврши до следната есен. Со тоа, над 500 ученици во регионалниот центар за стручно образование и обука „Киро Бурназ“ ќе ја почнат следната школска година во подобрени услови.

Покрај кумановскиот, и регионалните центри за стручно образование во Охрид и Тетово се опфатени со помошта што ја обезбедува „ЕУ за млади“ – прв проект за директна буџетска поддршка во Северна Македонија. Реновирањето на трите училишта, кое е во тек, ќе чини 15 милиони евра.

Градежните работи во Куманово се во најнапредна фаза. Тие вклучуваат реновирање од „глава до петици“. Но и многу повеќе.

Училишната зграда добива нов кров, енергетски ефикасна фасада, нова елетрична и водоводна инсталација, опрема за детектирање и гаснење пожар, нов мебел, паркет, системи за греење/ладење... Заедно со лифтови и рампи за ученици со посебни потреби.

Учениците од насоките за хемиско-технолошки процеси, земјоделство и ветеринарство ќе имаат целосно опремени лаборатории. Учениците по земјоделство и ветеринарство ќе може да добијат практично знаење за одгледување животни – со тоа што ќе се грижат за стадо од 18 крави и едно говедо, во реновирани штали во кои ќе има и модерна опрема за молзење и машина за сурутка. Ќе има и трактор со жнејач и плуг. Наставниците ќе поминат посебна обука за тоа како најдобро да ја искористат опремава во наставниот процес.

Инвестирањето во инфраструктура ќе му овозможи на училиштето да изгради партерство со бизнис заедницата. Во пракса тоа значи дека училиштето ќе може да служи како бизнис центар, каде компаниите ќе може да организираат курсеви и вежби, притоа запознавајќи ги учениците со можностите за вработување.

Но помошта од ЕУ не запира овде. Многу ученици од други делови на земјата посетуваат настава во „Киро Бурназ“, па нивниот интернат, кој се наоѓа во близина на училишната зграда, исто таке се реновира – со цел да добие библиотека, катчиња за учење и нова кујна, покрај нови кревети, столчиња и плакари. Во интернатот ќе има и пекарница за оние кои сакаат да научат како се прават леб и бели печива. А просторот околу интернатот ќе се претвори во парк каде учениците ќе може да се релаксираат или да спортуваат.

„Реновирањето на училиштето и на интернатот значи многу за наставниците, за Општина Куманово, за целиот североисточен регион и, се разбира, за сегашните и идните ученици. Благодарение на ЕУ и на Министерството за образование и наука, нашето училиште добива современ изглед, опрема и простор за практична настава. Ова ќе обезбеди најмодерен наставен процес, со кој учениците ќе стекнат знаење и вештини кои се бараат денес“, вели Весна Трајковска, директорка на „Киро Бурназ“.

Додека трае реновирањето, учениците посетуваат настава онлајн. Но, како што вели директорката Трајковска, тие со нетрпение чекаат да се вратат во училиштето. И да добијат образование на кое ќе бидат горди!

Повеќе детали за проектот на следниот линк https://eu4youth.mk/en/