ЕУ за подобро здравје: Клучна дијагностичка опрема достапна низ целата земја

Благодарение на ЕУ, жителите на седум региони повеќе не мора да патуваат во Скопје за медицински снимања со кои навремено се откриваат болести и се утврдува соодветно лекување.

Во 2019 година, проект финансиран од ЕУ направи проценка на здравството во Северна Македонија - и заклучи дека и покрај значителните вложувања во претходната деценија, во секторот има недостиг од опрема за дијагностичко снимање. Имено, тогаш во целата земја имаше само осум апарати за магнетна резонанција (од кои пет во Скопје), или 3,9 на милион жители, што не беше ниту четвртина од просекот во ЕУ. Бројот на апарати за компјутерска томографија беше 18, или 8,7 на милион жители, што беше помалку од 40% од просекот во ЕУ.

Тоа се промени откако ЕУ донира модерна опрема за осум регионални медицински центри низ целата земја. Од октомври 2021 година до мај 2022-та, болниците во Струмица, Прилеп и Охрид добија апарати за магнентна резонанција, а болниците во Кичево, Кавадарци, Куманово, Гевгелија и Универзитетската клиника за пулмологија во Скопје апарати за компјутерска томографија.

Оваа донација и’ помогна на земјата да се приближи до просекот во ЕУ. Во пракса тоа значи дека жителите на овие региони повеќе не мора да закажуваат прегледи и да патуваат во Скопје – тие имаат во нивните места можност за навремена и соодветна дијагностика, која е предуслов за спречување сериозни болести и за успешно лекување.

Изјава на амбасадорот Дејвид Гир /media/77809

Видео од монтирањето на опремата /media/77862