ЕУ помага фармите да станат попродуктивни, а земјоделството поотпорно

Расцепканоста на земјиштето е еден од најголемите предизвици за земјоделството во Северна Македонија, кој негативно влијае врз продуктивноста на фармите и ја спречува нивната модернизација. Проект финансиран од ЕУ помага во консолидацијата на земјиштето – предуслов за попросперитетен земјоделски сектор. И притоа финансира инфраструктура која ќе го направи фармерството поотпорно на климатски промени.

 

Мирјана Капкоска-Ангелеска е земјоделка од селото Дабјани (општина Долнени). Со денационализацијата на земјоделското земјиште наследила имот од нејзиниот дедо, но не можела да го обработува бидејќи се состоел од 65 парцели расфрлени по полето. Благодарение на проектот МАИНЛАНД (воведување национална програма за консолидација на земјиште), финансиран од ЕУ, нејзините парцели сега се споени во една, со големина од осум хектари и со правилна форма.

„Конечно повторно го користам земјиштето за земјоделско производство“, вели Мирјана.

Проектот кој и’ донесе придобивки на Мирјана работи на решавање на долгорочен проблем во земјата. Семејните фарми во Северна Македонија се помалку продуктивни во споредба со оние во другите европски земји, главно поради тоа што поголем дел од нив се на површина помала од два хектари и се често расцепкани на пет или повеќе помали парцели кои тешко се обработуваат. Ова, заедно со застарената земјоделска инфраструктура, го ограничува потенцијалот на фармерите да го зголемат производството и да се свртат кон конкурентно, модерно земјоделство. Како последица на ова, младите масовно се иселуваат од руралните подрачја.

Организацијата на Обединетите нации за храна и земјоделство (ФАО) работи на ова прашање од 2014 година – помагајќи им на властите да воведат консолидација на земјиште. ЕУ се приклучи финансирајќи ја подготовката на Националната програма за консолидација на земјиште. Преку проектот МАИНЛАНД, во изминатите пет години и со ко-финансирање од ФАО, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја спроведе првата група проекти за консолидација на земјиште, со што го отвори патот за структурната реформа на земјиштетото и за продолжување на Националната програма за консолидација на земјиште.

Откако направи анализа на состојбата во 14 рурални подрачја, проектот разви конкретни планови за консолидација на земјиште во девет подрачја (Конче, Егри, Логоварди, Оптичари, Трн, Дабјани, Кожле, Соколарци и Спанчево), кои опфатија парцели во сопственост на 6.300 земјоделци. Како резултат на проектот, бројот на парцели во овие области сега е преполовен.

Најдобар пример е селото Егри, каде 875 мали парцели се споија во 260 поголеми, а нивната просечна големина порасна на 1,3 хектари од само 0.38 пред консолидацијата. Освен тоа, ЕУ вложи половина милион евра во земјоделска инфраструктура (нови канали за одводнување, полски патишта и проширена мрежа за наводнување). Љупчо и Кети Ангеловски, сопственици на семејна фарма од Егри, велат дека благодарение на проектот, 15 нивни помали парцели се споиле во три поголеми. Ова, заедно со пристапот до подобра инфраструктура, ги мотивирало да набават помодерни машини и да ги зголемат приносите (на пченица и пченка, но и на пиперки и бостан) за најмалку 30%. „Пристапот до вода за наводнување ќе не’ направи помалку ранливи на климатските промени. И ќе ни овозможи да одгледуваме поразлични култури и да ја зголемиме вредноста на нашите производи на пазарот“, велат тие.

Со цел да ги надгради видливите резултати на МАИНЛАНД, ЕУ започнува нов проект вреден еден милион евра од ИПА. Проектот ќе го поддржи Министерството за земјоделство во подобрувањето на институционалната и регулативната рамка за консолидација на земјиште, вклучително и подготовка на Национална стратегија за консолидација на земјиште за периодот 2022-2030 година, и во довршувањето на проектите за консолидација на земјиште во Дабјани и Чифлик, паралелно со изградба на земјоделска инфраструктура.

https://www.youtube.com/watch?v=kONoGoay8xk

https://www.youtube.com/watch?v=ky4dsWBKXmo