ЕУ со натамошни иницијативи промовира вклученост на ученици со попреченост во редовните училишта
Ј. и Д. се сестри, четвртоодделенки, со Даунов сундром. Тие се меѓу 470-те ученици со попреченост кои добиваат стипендии во рамки на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, финансиран од ЕУ. Со месечната помош, семејствата ги покриваат приватните трошоци за школување - училишен прибор и специјална опрема, како и трошоците за терапија и превоз.
„Стипендиите се многу важни. Ни го помагаат семејниот буџет и со нив обезбедуваме образование за нашите деца. Му благодариме на проектот што е дел од нашето семејство“, вели Ф.С, нивниот татко.
Финансиската поддршка за семејствата е само една од придобивките од ЕУ-помошта. Проектот применува сеопфатен пристап во напорите да промовира инклузивно образование во јавните училишта. Ова вклучува индивидуално менторство на ученици со попреченост, обуки за училишните тимови за инклузија и за образовните асистенти, како и грантови со кои училиштата ја подобруваат пристапноста за деца со попреченост и наставната средина. Овие активности се одвиваат паралелно со кампањи за подигнување на јавната свест.
Со проектот работат 187 училишта. Досега 36 од нив претворија дел од просториите во инклузивна наставна средина, како што се т.н. инклузивни игралишта (https://youtu.be/P3FT9pxvqZs) и сензорни соби (https://www.youtube.com/watch?v=DjDKgrV5W1A).
Целта на тимот што го води проектот е да се создаде наставна средина во која секое дете ќе може го оствари својот потенцијал.
„Во претстојниот период ќе се фокусираме на тоа гласот на нашите корисници да го слушнат локалните и националните чинители. Тоа ќе и’ помогне на образовната заедница да развие пристапни и квалитетни наставни практики, како и поголема одговорност за образованието на сите деца со попреченост“, вели Елена Мишиќ, тим-лидер на „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“.