Изјава на Претседателката Фон дер Лејен по повод нејзината официјална посета на Северна Македонија
Ви благодарам многу почитуван премиер, драг Димитар,
Дами и господа,
Прекрасно е да бидам повторно овде, во Скопје. И навистина, убаво се сеќавам на мојата последна посета пред четири месеци, кога дојдов овде да се обратам во Собранието на Северна Македонија. Како што можете да замислите, јас исто така многу јасно се сеќавам што ветивме на тој ден. И, да, ветивме дека доколку Северна Македонија во своето собрание успее да ги преземе неопходните чекори, тоа ќе доведе до отворање на пристапните преговори. Потоа ќе започне процесот на скрининг на правото на ЕУ, без никакво одлагање. И пред се, дека целосно ќе го почитуваме вашиот идентитет и вашиот јазик, т.е. македонскиот јазик.
И морам да кажам, драг Димитар, дека беше потребно многу лидерство, што го покажавте, а на собранието на Северна Македонија му требаше многу храброст да го направи тој чекор. И многу ми е мило што го сторивте тоа. Затоа што доведе до тој историски ден во јули, кога конечно ги отворивме пристапните преговори. Почитуван премиер, како што ветив, веднаш започна скринингот на правото на ЕУ. Сега земјата е цврсто на вистинскиот пат и преговарачкиот процес зема замав. И многу добра работа се прави.
И конечно, навистина, во врска со вашиот јазик: Ви ветив дека ќе го потпишеме договорот со Фронтекс, преведен на македонски јазик. Без фуснота, без ѕвездичка, на еднаква основа со сите 24 јазици на Европската унија. И денес испорачавме. Како што реков, има 24 официјални јазици во Европската Унија. Длабоко сум убедена дека нема да чекаме предолго за да имаме 25 официјални јазици. Затоа што македонскиот јазик е толку убав јазик. Навистина сакам да и се заблагодарам на комесарката Јохансон за нејзината неуморна работа на договорот. И овој договор не само што е многу важен затоа што ја зајакнува нашата соработка за миграцијата туку и затоа што покажува дека не може да има сомнеж дека македонскиот јазик е ваш јазик. И ние целосно го почитуваме тоа.
Северна Македонија сега оди напред по европскиот пат. Тоа го покажува и нашиот последен извештај за проширување. Штотуку го објавивме овој извештај за проширувањето. И навистина морам да ви честитам. Неверојатно е да се види колку одлучно чекорите напред: ја зајакнавте вашата демократија. Го зајакнавте вашето владеење на правото. Постигнавте напредок во реформата на вашиот правосуден систем. Вие развивате солидна пазарна економија која веќе ја докажа својата издржливост. Честитки за напредокот, за досегашниот успех. И знам дека сте – и кога ве слушам, длабоко сум убедена во тоа – решени да продолжите со добрата брзина, доброто темпо да продолжите на патот кон Европската Унија. И јас сум многу свесна дека сето ова го правите во околности на многу предизвици. Тоа е бруталната војна на Русија против нашите пријатели и соседи во Украина. Оваа војна носи суровост и уништување на украинскиот народ. И го потресува целиот свет. Како што сите знаеме и гледаме, Русија ја користи енергијата, на пример, како оружје и силно манипулира со енергетскиот пазар. Ова резултира со зголемување на цените на енергијата и проблеми во безбедноста на снабдувањето. И, да, и Северна Македонија е погодена. Но, бидете сигурни: Го чувствуваме истиот притисок, но нема да попуштиме, ниту еден сантиметар.
Бидете сигурни дека солидарноста и единството што ги покажуваме во Европската Унија значи и солидарност и единство со Северна Македонија. Затоа што заедно сме во ова. А тоа значи дека ќе ја решиме и заедно ќе ја надминеме оваа криза. Ќе продолжиме да ги поддржуваме нашите пријатели во Украина. И ние ќе бидеме многу силни и решени да се погрижиме овде во Европската унија да има солидарност и единство што ни е потребно. Мојата денешна порака до граѓаните на Северна Македонија е многу јасна: Европската Унија е покрај вас. Заедно сме во ова. Заедно ќе поминеме низ ова и заедно ќе ја надминеме оваа криза и ќе се движиме кон подобра иднина. Сега предлагаме пакет за енергетска поддршка за целиот регион на Западен Балкан. Започнува со 80 милиони евра грантови овде за Северна Македонија како директна буџетска поддршка. Тоа ќе помогне да се реши влијанието на високите цени на електричната енергија врз вашите граѓани и врз вашите бизниси. Ова ќе го финализираме до крајот на годината за да можете да ги добиете средствата веќе во јануари. Но, секако, ќе има уште. На пример, има 500 милиони евра грантови за целиот регион да инвестира во она што е толку неопходно сега за да ја добиеме нашата независност: да се инвестира во енергетски врски; во енергетска ефикасност; и секако да се инвестира во обновлива енергија. Зборувавме за тоа дека треба да сме независни во однос на енергијата. Така, на пример, обновливата енергија што се произведува дома, што отвора добри работни места овде и што не прави независни од руските фосилни горива.
Оваа поддршка - и поголема финансиска поддршка - ќе се канализираат преку таканаречениот Економски и инвестициски план. Како што знаете, Инвестицискиот план веќе функционира преку инвестиции во ветерни паркови, на пример, во соларни централи - многу се израдував кога слушнав дека планирате да ја интензивирате оваа работа - и со нови гасни интерконекции меѓу вашата земја и Србија и Косово кои исто така се планирани. Конечно, исто така ќе ви овозможи да учествувате во европската заедничка набавка на гас и ЛНГ. Во Европскиот совет одлучивме дека сакаме заедно да купуваме гас на глобалниот пазар бидејќи тоа ја зајакнува нашата куповна моќ. Ве покануваме, Северна Македонија, да ни се придружите, да бидете со нас, за да одиме заедно на пазарот. И секако, и вие имате придобивка од сите одлуки што ги донесовме во последните денови, законските предлози што ги донесовме за намалување на цените на гасот во Европската унија, но уште поважно цената на струјата, бидејќи сме во една Енергетска унија. И ова значи дека што и да правиме, го правиме заедно. Како што кажав, единство и солидарност.
Драг Димитар, ме трогна тоа што го слушнав додека зборувавте. Народот на Северна Македонија, и вие и вашата влада, и многу луѓе во оваа земја, покажаа толку многу посветеност на вредностите на Европската Унија. Затоа, навистина сум длабоко убедена дека ќе продолжите напред на вашиот пат кон членство. Вие заслужувате да одите напред на патот кон членството. Ме трогна тоа што го кажавте за младите во Северна Македонија. Да, тие сонуваат за Европа, но исто така сум длабоко убедена дека сонуваат за Северна Македонија во Европската Унија, место каде што сакаат да ја обликуваат иднината на Северна Македонија. Можете да се потпрете на нас и ние знаеме дека можеме да се потпреме на вас. Знам дека ви претстои уште работа. Поради начинот на кој ве запознав и решителноста што ја видов, и ова собрание во кое се обратив, народот на Северна Македонија што го запознав, длабоко сум убедена дека можете да го остварите сонот на младите во Северна Македонија. Затоа што дозволете ми да ви кажам дека сум длабоко убедена дека Европската Унија не е целосна без Северна Македонија. Сакаме да бидете со нас. Ние сме пријатели, ние сме партнери. И еден ден, ќе бидеме заедно во една Европска Унија.
Благодарам многу.