Комесарката Кос во Скопје: Северна Македонија покажа дека може да испорача решително и навреме во однос на Реформската агенда, истата решителност е потребна за напредок на пристапниот пат

На 8 јули, комесарката за проширување Марта Кос ја посети Северна Македонија за да разговара за пристапниот пат на земјата и нејзините реформски напори, со акцент на спроведувањето на Реформската агенда во рамки на Планот за развој на Западен Балкан. Досега, Северна Македонија има добиено 142,1 милиони евра од Инструментот за реформи и раст, врз основа на постигнат напредок во клучните реформи. 

 

Комесарката се сретна со премиерот Христијан Мицкоски и со вицепремиерот и министер за европски прашања Беким Сали, на разговори за спроведувањето на Реформската агенда, за приоритетите за постепена интеграција во ЕУ, како и за пошироките случувања поврзани со патот на земјата кон ЕУ, а одржа и заедничка прес-конференција со премиерот. 

„Северна Македонија покажа дека може да испорача решително и навреме. Во Скопје, се сретнав со премиерот Христијан Мицкоски за да разговараме за големите достигнувања на земјата во рамки на Реформската агенда и за да охрабрам натамошен напредок. Истата решеност сега е потребна за напредок на пристапниот пат. Со исполнување на обврските, Северна Македонија може да гради доверба со нашите земји-членки и да му даде поттик на својот пат кон ЕУ“, напиша Кос на социјалните мрежи. 

Таа имаше средба и со претседателот на Собранието Африм Гаши во врска со важноста на конструктивниот политички дијалог и широкиот меѓупартиски консезус за ЕУ-реформите. 

Кос посети и студентски дом во Скопје реновиран со средства од ЕУ, а со претставници на младински организации разговараше за можностите што потесната интеграција во ЕУ им ги нуди на младите, вклучително и преку програмите како Хоризонт Европа и Еразмус +. 

Комесарката ја заокружи посетата со средба со претставници на граѓанското општество и медиумите, на која се разговараше за спроведувањето на клучните ЕУ-реформи, посебно во областа на владеењето на правото.