Конференцијата за медиумска писменост ЕУ - Западен Балкан 2025 ја јакне регионалната соработка за борба против дезинформациите

Конференцијата за медиумска писменост ЕУ - Западен Балкан 2025 г. на едно место собра повеќе од 150 учесници и говорници од целиот Западен Балкан, Европската Унија и Источното партнерство за да ги продискутираат предизвиците што се во пораст, како што се дезинформациите, странската манипулација и вмешување во информациите (ФИМИ, анг. FIMI - Foreign Information Manipulation and Interference) и влијанието на новите технологии врз демократските општества.

 

Конференцијата, одржана во Скопје на 17 ноември, ги спои претставниците од Северна Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Косово, Босна и Херцеговина, Република Молдавија, Данска и други земји, на исто место со експертите и функционерите од институциите на ЕУ и земјите-членки на ЕУ. Учесниците беа претставници на широк спектар на сектори, меѓу кои и медиумски регулатори, новинари и уредници, организации на граѓанското општество, академски и истражувачки институции, експерти за дигитални политики и меѓународни партнери, што доведе до богата, меѓусекторска и регионална расправа.

Отворајќи ја конференцијата, амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Михалис Рокас, го истакна сѐ поголемото значење на медиумската писменост во информатичко опкружување кое е сè почесто обликувано од вештачката интелигенција, брзите технолошки промени и координираните потфати за ширење дезинформации.

„Медиумската писменост не е само образовна алатка; таа е столб на информираното граѓанство и демократијата“, констатира амбасадорот Рокас, нагласувајќи ја потребата граѓаните да се оспособат со вештини потребни за да се снајдат во сложените дигитални простори.

Понатаму, тој го нагласи зајакнатиот колективен одговор на Европската Унија кон дезинформациите, вклучително и преку иницијативи како што е Европскиот штит на демократијата, и ја нагласи важноста на соработката преку границите и регионите.

„Оваа конференција ги обединува Европската Унија, Западен Балкан и Источното партнерство за да изградат посилна отпорност и да ги заштитат нашите заеднички демократски вредности“, додаде тој.

Програмата на конференцијата, меѓу другото, се состоеше и од серија панел дискусии на високо ниво на кои се разгледуваа клучните предизвици во регионалниот информациски пејзаж. Низ сесиите се дискутираше улогата на платформите на социјалните медиуми во овозможувањето и попречувањето на манипулацијата со информации, порастот на родовите дезинформации и дигиталната омраза, како и можностите и ризиците што дигиталните платформи ги претставуваат за помладите генерации. Говорниците разговараа за тоа како рамките на политиките на ЕУ, како што е Законот за дигитални услуги, можат да се преточат во регионалниот контекст преку пристапи засновани на човекови права, а насочени кон целото општество. 

Покрај стратешкиот дијалог, конференцијата стави силен акцент врз практичното учење и надградбата на капацитетите. Четирите паралелни сесии им понудија на учесниците можност подлабоко да навлезат во институционалните одговори кон ФИМИ, манипулацијата со информациите поврзани со науката и импликациите на вештачката интелигенција врз интегритетот на информациите. Покрај тоа, на интерактивните работилници се испитуваше етичката и критичката употреба на алатките за вештачка интелигенција, овозможувајќи им на учесниците да разменат експертиза и конкретни практики низ земјите и професионалните средини.

Конференцијата се заокружи со инспиративниот завршен говор на професорот Роман Јуровецки од Универзитетот во Алборг, кој ги изнесе своите размислувања околу потребата од одбранбени системи овозможени од вештачката интелигенција кои се потпираат на институционални капацитети, соработка и доверливи механизми за верификација, наместо на изолирани технолошки решенија.

Како една од најмаркантните иницијативи на Европската служба за надворешно дејствување што се одржува секоја година од 2020, Конференцијата за медиумска писменост ЕУ - Западен Балкан продолжува да служи како клучна регионална платформа за соработка, дијалог и споделено учење. Со здружување на различните засегнати страни од целиот регион и пошироко, конференцијата ги јакне заедничките заложби за промовирање на интегритетот на информациите и отпорноста кон дезинформациите.