1. Дали EES влијае врз правилата за краток престој на возачите на камиони во Шенген-зоната? 

Со имплементацијата на EES не се менува ништо во правилата за краток престој. Овие правила се хармонизирани со Шенгенскиот граничен кодекс и дозволуваат периоди на престој од 90 дена во рок од 180 дена. 

Возачите на камиони можат да бидат ослободени од регистрација во EES само во два случаи. Доколку аплицираат и добијат дозвола за престој во земја членка, што им овозможува долгорочен престој во таа земја членка и слободно движење во Шенген-зоната 90 дена во рок од 180 дена. 

Вториот случај е доколку граничните службеници на земјите членки дадат олеснувања на граничните премини за возачите на камиони што ги признаваат како „прекугранични работници“, како што е дефинирано во Шенгенскиот граничен кодекс. Во тој случај ќе има само случајни проверки при преминување на границата и нема да има регистрација во EES. Максималното времетраење на престојот од 90/180 дена во Шенген-зоната продолжува да важи.

 

2. Што значи прогресивна имплементација на EES? 

Системот за влез/излез EES ќе се воведува постепено низ надворешните граници на 29. европски земји во период од 6 месеци. Овие европски земји ќе ги воведуваат различните елементи на EES во фази, вклучително и собирање биометриски податоци, како што се фотографија и отпечатоци од прсти. 

Тоа значи дека биометриските податоци на патниците (фотографија и отпечатоци од прсти) можеби нема да се собираат веднаш на секој граничен премин, а личните податоци можеби нема веднаш да бидат регистрирани во системот. Ќе продолжат да се ставаат печати во пасошот. 

Оваа прогресивна имплементација ќе трае до 9 април 2026 година. Од 10 април 2026 година EES ќе биде целосно оперативен на сите надворешни гранични премини на европските земји што го користат системот. 

 

3. Која е целта на EES? 

* Модернизација на управувањето со границите низ европските земји користејќи го системот. 

* Електронско регистрирање на влезовите и излезите на државјани од земји што не се членки на ЕУ, или одбивањата за влез.

* Ги прави граничните проверки поефикасни, постепено подобрувајќи го искуството за патниците.

* Ефикасно се бори против измама со идентитет преку собирање биометриски податоци.

* Ја подобрува безбедноста во рамките на ЕУ.

* Помага во борбата против тероризмот и сериозниот организиран криминал преку дејствување како алатка за верификација на идентитетот.

 

4. Зошто биометриските податоци се чуваат во EES? 

Биометриските податоци се сигурен начин за: прецизно идентификување на луѓе и значително намалување на случаите на погрешен идентитет, дискриминација или расно профилирање; идентификување на недокументирани патници кои веќе се присутни на територијата на Шенген-зоната (нерегуларни мигранти) и споредување на податоците за влез и излез на патниците.

Биометриските податоци може да ја зголемат безбедноста во европските земји што го користат EES преку: спречување исчезнување на деца или да станат жртви на трговија со луѓе, намалување на ризикот од погрешно апсење на луѓето и помагање во борбата против сериозниот криминал и тероризмот.

Иако собирањето биометриски податоци може да влијае врз приватноста на патниците, технологијата што се користи во EES гарантира дека основните права на луѓето се заштитени.

 

5. Кои биометриски податоци се чуваат во EES? 

Сите патници на граничниот премин на државата од Шенген-зоната во која патуваат се фотографираат, им се земаат отпечатоци од прстите и се внесуваат податоци од пасошот во EES. 

На децата на возраст под 12 години нема да им се земаат отпечатоци од прстите, туку во системот ќе се чува само нивната фотографија и податоци од пасошот. 

 

6. Како се гарантира сигурност на податоците во EES? 

Според Општата регулатива за заштита на податоци (GDPR), податоците се земаат за одредени легитимни и јасно истакнати цели и не смеат да се обработуваат понатаму на начин што не е компатибилен со тие цели. EES е во согласност со оваа регулатива и други принципи за заштита на податоци. 

Воспоставени се заштитни мерки за да се обезбедат правата на патниците во однос на заштитата на нивниот приватен живот и личните податоци. Тие се чуваат во EES само онолку време колку што е потребно и само за целта за која се земени.

 

7. За кого важи EES? 

Системот за влез/излез (EES) е автоматизиран ИТ-систем за регистрација на државјани кои не доаѓаат од држави што се членки на ЕУ, а патуваат за краток престој во која било од 29. земји во Шенген-зоната.

Важи за патници што немаат државјанство на која било земја од Европската Унија или државјанство на Исланд, Лихтенштајн, Норвешка или Швајцарија. „Краток престој“ значи до 90 дена во рамките на кој било период од 180 дена. Овој период се пресметува како заеднички (севкупен) период за сите европски земји што го користат EES. 

 

8. Што е мобилната апликација Travel to Europe?

Мобилната апликација Travel to Europe е дизајнирана за патници кои не се од ЕУ и за кои важи регистрација во EES. Таа им овозможува на луѓето однапред да ги регистрираат своите податоци oд пасошот и фотографија од лицето пред да стигнат до граничниот премин каде што се користи EES. Преку апликацијата, патниците можат однапред да го пополнат прашалникот за условите за влез.

Иако дел од информациите (слика од лицето и податоци од пасошот) може однапред да се регистрираат преку апликацијата, тоа не ги заменува граничните проверки што се задолжителни при првата регистрација, но овозможува преминувањето на границата да биде поедноставно, побрзо и поефикасно.

Од 12 октомври 2025 година апликацијата може да се користи при влез во Шведска, каде што поддржува податоци за пасошот, слика од лицето и прашалник за влез. Другите европски земји што го користат EES може да ја направат апликацијата достапна подоцна. Специфичните функционалности што се нудат може да варираат од држава до држава.

Апликацијата е достапна на App Store или Google Play. 

 

9. Дали EES важи за лица што транзитираат низ Шенген-зоната? 

EES важи за лица што транзитираат низ Шенген-зоната доколку се државјани на земји што не се членки на Европската Унија и немаат дозвола за престој или виза за долгорочен престој издадена од Шенген-земјата.

Но, ако летате од земја надвор од ЕУ, ќе подлежите на EES регистрација само ако всушност влезете во Шенген-зоната, односно минувате низ гранична контрола. 

Меѓутоа, ако останете во меѓународната транзитна зона на аеродромот и не ја преминете надворешната шенгенска граница, EES не се применува бидејќи технички не влегувате во Шенген-зоната.

 

10. Дали EES важи за граѓани со работна виза? 

EES е автоматизиран систем што регистрира влез/излез на државјани од земји што не се членки на Европската Унија и важи само за патници што патуваат краткорочно (до 90 дена во рок од 180 дена) – туристи, деловни патувања, посетители итн.

Не важи за оние што поседуваат долгорочна виза или дозвола за престој, вклучително и работна виза/дозвола за работа.

Доколку некој има работна дозвола издадена од земјата во Шенген-зоната во која патува, нема обврска да се регистрира во EES бидејќи неговиот престој е веќе регулиран преку системот за дозволи и визи на таа држава.

 

11. Дали за EES се плаќа надомест?

Не, регистрацијата во EES е бесплатна.

 

12. Дали е можна онлајн регистрација за EES, на веб-страница или со некаков вид апликација?

Мобилната апликација Travel to Europe е дизајнирана за патници кои не се од ЕУ и подлежат на регистрација во EES. Таа им овозможува на луѓетo однапред да ги регистрираат своите податоци од пасошот и слика од лицето пред да стигнат до граничниот премин каде што се користи EES. Преку апликацијата, патниците можат однапред да го пополнат прашалникот за условите за влез.

Граѓаните на држави кои не се членки на ЕУ можат да ја користат апликацијата за претходно регистрирање на своите податоци во рок од 72 часа пред влегување или излегување од европска земја користејќи ја апликацијата. Пред да ја користите, проверете дали европската земја каде што планирате да влезете или излезете ја поддржува апликацијата.

Користењето на апликацијата е опционално, но може да ви помогне да заштедите време и да ги забрзате граничните проверки.

Од 12 октомври 2025 година, можете да ја користите Travel to Europe при влегување во Шведска, каде што апликацијата поддржува внес на податоци од пасошот, слика од лицето и прашалник за влез. Другите европски земји што ја користат EES може да ја направат апликацијата достапна подоцна. 

Апликацијата не ги заменува граничните проверки, туку го прави преминувањето на границата поглатко, побрзо и поефикасно.

 

13. Дали е возможно да се регистрирате во амбасада и на тој начин да избегнете регистрација на границата?

Не, нема можност за регистрација во амбасадите за EES. Регистрацијата се врши само на границата (и на копнената граница и на аеродромите во рамките на Шенген-зоната).

 

14. Што ќе се случи кога туристички автобус со патници ќе ја преминува копнената граница - дали секој од нив ќе треба да излезе од автобусот за да се фотографира и да се земат отпечатоци од прсти?

Веќе постои вообичаена практика (многу пред воведувањето на EES) според која патниците се замолуваат да се симнат од автобусите за да можат поединечно да бидат регистрирани од страна на граничните службеници на граничните контролни пунктови. Понекогаш, истата практика ја користат и царинските службеници, што во некои случаи резултира со две последователни проверки при што патниците се замолени да излезат од автобусите. Единствената разлика што сега е воведена со EES е тоа што патниците, кога за прв пат влегуваат во Шенген-зоната, ќе мора да бидат регистрирани во EES на границата. Затоа, секој патник ќе треба да излезе од автобусот и да се фотографира и да се земат отпечатоци од прсти.

 

15. Каква ќе биде процедурата во случај кога само еден член од семејството има пасош од ЕУ или дозвола за престој, но патува со целото семејство?

Освен ако членовите на семејството не спаѓаат во една од категориите опишани во делот „EES не се однесува на“ на веб-страницата на EES (https://travel-europe.europa.eu/ees/to-whom-does-ees-not-apply##), тогаш тие нема да бидат исклучени од регистрација.

 

16. Како се пресметуваат деновите на престој – дали еден ден се пресметува 24 часа од часот на влез или како календарски датуми без оглед на часот на влез?

Деновите на престој се пресметуваат како календарски денови.

 

17. Дали ќе има поинаква политика за транспортерите, со оглед на тоа што многу брзо ќе го достигнат максималниот број денови на дозволен престој?

EES важи подеднакво за сите носители на пасоши надвор од Шенген-зоната.

 

18. Откако патникот ќе биде регистриран во EES (ќе се фотографира и ќе се земат отпечатоци од прсти), како ќе изгледа неговиот/нејзиниот влез следниот пат кога ќе патува?

Доколку некое лице ги поминало границите на европските земји користејќи го EES повеќе од еднаш, откако EES започна да функционира (https://travel-europe.europa.eu/ees/how-will-ees-work-what-new-during-border-checks#if-you-arrive-at-a-border-crossing-point-for-the-first-time), тогаш фотографијата од неговото/нејзиното лице и/или неговите/нејзините отпечатоци од прсти веќе ќе бидат евидентирани во EES. Службениците за контрола на пасоши само ќе ги потврдат неговите/нејзините отпечатоци од прсти и фотографијата, што ќе одземе помалку време. Во ретки случаи, можеби ќе биде потребно повторно да се соберат и евидентираат податоците.

Носителите на биометриски пасош ќе можат побрзо да влезат користејќи го системот за самопослужување (доколку е достапен на тој граничен премин). Сите други услови за влез или излез остануваат важечки, а службениците на пасошка контрола можат, во секое време, да преземат мерки по потреба, како што е повторно да се направи фотографија од нечие лице итн.

 

19. Дали EES ќе важи за лица со дипломатски пасоши?

Системот не се применува кај (https://travel-europe.europa.eu/ees/to-whom-does-ees-not-apply##): „Луѓе ослободени од гранични проверки или на кои им се доделени одредени привилегии во однос на граничните проверки (како што се шефови на држави, акредитирани дипломати, прекугранични работници итн.). Дипломати кои патуваат на краток престој може да бидат ослободени од регистрација во EES под одредени услови.“

 

20. Доколку некое лице го пропушти летот со кој се поврзува поради долго време на чекање поради постапката на EES, дали ќе има надомест за трошоците?

Не, не е предвиден надомест. Секој поединец е одговорен за планирање на своето патување. На патниците им се советува да го почнат своето патување порано за да имаат доволно време за завршување на постапката.

 

21. Кога ќе се имплементира системот за информации и одобренија за патување ETIAS, дали регистрацијата во системот EES е услов за поднесување апликација во системот ETIAS? Или граѓаните прво ќе мора да добијат овластување за ETIAS, а подоцна да бидат регистрирани во системот EES?

Во овој момент, системот ETIAS не е оперативен. Откако системот ETIAS ќе започне со работа (предвидено за последниот квартал од 2026 година), пред да патуваат во Шенген-зоната на ЕУ, патниците прво ќе мора да се регистрираат онлајн во системот ETIAS. Откако ќе се издаде дозволата за патување, лицата можат да се појават на граничен премин. На границата, граничната полиција ќе потврди дека патникот ги исполнува условите за влез, ќе земе биометриски податоци за него и ќе го регистрира лицето во EES, доколку сè уште не е направено. За дополнителни прашања, ве молиме посетете ја веб-страницата на ETIAS - https://travel-europe.europa.eu/etias/ltr