Одбележување 25 години од Резолуцијата 1325 на ОН: Женското лидерство е клучно за траен мир

На 31 октомври 2000 година, Советот за безбедност на Обединетите нации усвои значаен документ кој ја призна клучната улога на жените во градењето мир, стабилност и демократија. Дваесет и петгодишнината од донесувањето на Резолуцијата 1325 за жените, мирот и безбедноста беше повод – и во Северна Македонија – да се направи преглед на достигнувањата, но и на она што светот треба допрва да го направи за да ја оствари целосно целта на Резолуцијата. 

 

„Наша заедничка визија е Европа – и свет – каде женското лидерство во мирот и безбедноста не е повеќе исклучок, туку нешто што се очекува. Бидејќи кога жените водат, мирот трае“, рече амбасадорот на ЕУ Михалис Рокас, обраќајќи се на настанот што по овој повод во Скопје го организираа Канцеларијата на ОН за жени и Министерството за одбрана на Северна Македонија. 

Резолуцијата 1325 не само што го промени глобалното сфаќање на мирот и безбедноста, туку нејзините вредности станаа главни принципи на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Но 25 години подоцна, напредокот во светот е различен. Повеќе од сто земји усвоија национални акциски планови за жените, мирот и безбедноста. Сепак, во 2024 година, жените биле дел од само десет отсто од мировните преговори. Бројот на жени и девојчиња убиени во конфликти се зголеми драматично во изминатите две години. А родовата еднаквост во мировните процеси и натаму не се финансира доволно. 

„Затоа, визијата на Резолуцијата 1325 треба да оди уште подалеку од инклузивност - треба да бара трансформација: на институциите, на структурите на моќ и на начинот на кој се гради самиот мир“, рече амбасадорот. Тоа значи обезбедување целосно учество на жените во мировните процеси, одговорност за извршителите на родово базирано насилство, заштита на жените миротворки и на бранителките на човековите права, затворање на јазот во родовите статистики... „Станува збор за сеопфатен пристап: родовата еднаквост и оснажувањето на жените се предуслов за спречување, управување и решавање конфликти“. 

ЕУ останува силно посветена на Агендата за жените, мирот и безбедноста – и во своите граници и во надворешното дејствување. ЕУ продолжува да работи во партнерство со владите, парламентите и граѓанското општество во Северна Македонија и ширум Западен Балкан на зајакнување на родово одговорното владеење и градењето мир. 

Северна Македонија, од своја страна, направи значајни чекори. Преку национални акциски планови, во мирот и безбедноста ги вклучи родовите перспективи. Особено е видлив напредокот во Министерството за одбрана и Армијата – денес, жени се наоѓаат на мнозинството високи позициии во Министерството. 

На настанот се обратија и претседателката Гордана Силјановска-Давкова, министерот за одбрана Владо Мисајловски и шефицата на Канцеларијата на ОН за жени во земјата, Весна Ивановиќ-Кастареде. Се одржаа и две панел-дискусии, со учество на амбасадори на неколку земји-членки на ЕУ и претставници на Министерството за одбрана и Армијата, вклучително и учеснички во странски мировни мисии.