Пакетот за проширување за 2025 година покажува напредок кон членство во ЕУ за клучните партнери за проширување
Црна Гора, Албанија, Украина, Република Молдавија, Србија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Косово, Турција и Грузија продолжуваат по својот пат кон ЕУ. Темпото на нивните реформи, особено во областите на демократијата, владеењето на правото и основните права, директно влијае на брзината на пристапувањето. Овој напредок им користи и на земјите-аспирантки и на сегашните земји-членки на ЕУ, поттикнувајќи просперитет, демократија, безбедност и стабилност, а воедно создавајќи нови можности за граѓаните и бизнисите, како што се стратешки инвестиции и отворање на Единствениот пазар.
Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија, изјави: „Ние сме попосветени од кога било да го претвориме проширувањето на ЕУ во реалност. Бидејќи поголема Унија значи посилна и повлијателна Европа на глобалната сцена. Но, тоа мора и ќе остане процес заснован на заслуги. Нашиот пакет дава конкретни препораки за сите наши партнери. И на сите нив им велиме: Пристапувањето кон ЕУ е единствена понуда. Ветување за мир, просперитет и солидарност. Со вистинските реформи и со силна политичка волја, сите вие можете да ја искористите оваа можност.“
Оценките, придружени со препораки и упатства за реформските приоритети, даваат патоказ за партнерите за проширување кон членство во ЕУ. Комисијата останува целосно посветена да даде поддршка на идните земји-членки на ова патување. Постепената интеграција на земјите-аспирантки во Единствениот пазар ги зајакнува врските со Унијата уште пред нивното пристапување. Во текот на изминатата година е постигнат значителен напредок. Со проширувањето како јасна политичка цел во овој мандат, Комисијата е посветена на обезбедување подготвеност на земјите-аспирантки, како и подготвеност на ЕУ да ги прими. За таа цел, наскоро ќе биде презентиран Документ за детален преглед на политиките и реформите.
За да се осигури дека новите земји-членки ќе продолжат да ги штитат и одржуваат своите постигнувања во однос на владеењето на правото, демократијата и основните права, идните договори за пристапување треба да содржат посилни заштитни мерки против отстапување од обврските преземени за време на преговорите за пристапување.
Ефективната комуникација, како и борбата со странско манипулирање со информации и вмешување вклучително и дезинформации, е стратешки императив.
Комисијата, исто така, е подготвена да ги поддржи напорите на земјите-членки за понатамошно зацврстување на јавната доверба во процесот и да помогне проширувањето да продолжи со потребната легитимност.
Главни заклучоци
Црна Гора постигна значителен напредок кон пристапувањето во ЕУ, затворајќи четири поглавја од преговорите во текот на изминатата година. Заложбата на Црна Гора за затворање на дополнителни поглавја до крајот на 2025 година ја одразува нејзината посветеност на европската интеграција. Одржувањето на константен напредок во реформите и континуиран широк политички консензус се клучни за постигнување на целта на земјата за затворање на преговорите за пристапување до крајот на 2026 година. Под услов да се одржи темпото на реформите, Црна Гора е на добар пат да ја исполни оваа амбициозна цел.
Албанија постигна значителен напредок, со отворање на четири кластери во текот на изминатата година. Подготовките за отворање на последниот кластер оваа година се во напредна фаза. Постигнат е напредок во основните вредности, особено во реформите на правосудството и во борбата против организираниот криминал и корупцијата. Сега се потребни континуирани напори за исполнување на критериумите во рамки на кластерот Основни вредности, што ќе го отвори патот за започнување на затворањето на преговарачките поглавја откако ќе се направат потребните секторски реформи. Постигнувањето на целта на Албанија за завршување на преговорите до 2027 година зависи од одржувањето на реформскиот моментум и поттикнувањето на инклузивен политички дијалог. Под услов да се одржи темпото на реформите, Албанија е на добар пат да ја исполни оваа амбициозна цел.
И покрај непопустливата воена агресија на Русија, Украина останува силно посветена на својот пат на пристапување кон ЕУ, откако успешно го заврши процесот на скрининг и напредуваше во клучните реформи. Украина усвои патокази за владеење на правото, јавната администрација и функционирањето на демократските институции, како и акциски план за националните малцинства, кој Комисијата го оцени позитивно. Украина ги исполни условите потребни за отворање кластери: еден (основни вредности), шест (надворешни односи) и два (внатрешен пазар). Комисијата очекува Украина да ги исполни условите за отворање на преостанатите три кластери и работи на тоа да се осигури дека Советот е во позиција да го забрза отворањето на сите кластери пред крајот на годината. Украинската влада сигнализираше дека има за цел да ги затвори пристапните прегповори до крајот на 2028 година. Комисијата е посветена да ја поддржи оваа амбициозна цел, но смета дека за нејзино исполнување е потребно забрзување на темпото на реформите, особено во однос на основните вредности и владеењето на правото.
Соочени со континуирани хибридни закани и обиди за дестабилизација на земјата, Молдавија значително напредна на нејзиниот пат кон пристапување, успешно завршувајќи го процесот на скрининг. Првиот самит ЕУ-Молдавија во јули 2025 година означи нова фаза на соработка и интеграција. Молдавија усвои патокази за владеење на правото, јавна администрација и функционирање на демократските институции, кои Комисијата ги оцени позитивно. Проценката на Комисијата е дека Молдавија ги исполнила условите потребни за отворање на кластери: еден (основни вредности), шест (надворешни односи) и два (внатрешен пазар). Комисијата очекува Молдавија да ги исполни и условите за отворање на преостанатите три кластери и работи на тоа да се осигури дека Советот е во позиција да го продолжи отворањето на сите кластери пред крајот на годината. Владата на Молдавија ја сигнализираше својата цел за затворање на преговорите за пристапување до почетокот на 2028 година. Комисијата е посветена на поддршка на оваа цел, која е амбициозна, но остварлива, под услов Молдавија да го забрза сегашното темпо на реформи. Одржувањето на реформскиот импулс е клучно, зајакнато со силна парламентарна поддршка за европскиот пат на земјата по изборите во септември.
Поларизацијата во српското општество се продлабочи во услови на масовни протести што с е одржуваат низ цела Србија од ноември 2024 година, што го одразува разочарувањето на граѓаните, меѓу другото, поради корупцијата и перципираниот недостаток на одговорност и транспарентност, заедно со случаи на прекумерна употреба на сила против демонстрантите и притисок врз граѓанското општество. Ова доведе до сè потешка средина каде што раздорната реторика доведе до сериозна ерозија на довербата меѓу засегнатите страни, што, пак, влијае на процесот на пристапување. Реформите значително се забавија. Иако се признаваат некои неодамнешни постигнувања, како што се повторното започнување на постапката за избор на новиот Совет на регулаторното тело за електронски медиуми (REM) и напредокот во законодавниот процес за Законот за унифициран регистар на гласачи, кои сега треба да се завршат и спроведат, како и неодамнешното зголемување на усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, што треба да продолжи, треба да се направи повеќе. Од Србија се очекува да го надмине застојот во областа на судството и основните права воопшто и итно да го запре назадувањето во слободата на изразување и ерозијата на академската слобода. Оценката на Комисијата од 2021 година дека Србија ги исполнила почетните критериуми за кластер 3 (конкурентност и инклузивен раст) останува валидна.
Северна Македонија продолжи со работата на патоказите за владеење на правото, реформа на јавната администрација и функционирање на демократските институции, како и на Акцискиот план за заштита на малцинствата. Потребни се понатамошни брзи и решителни дејствија во однос на почетните одредници, во согласност со преговарачката рамка, со цел отворање на првиот кластер што е можно поскоро и кога ќе бидат исполнети релевантните услови. Северна Македонија треба да ги интензивира напорите за почитување на владеењето на правото, преку заштита на судската независност и интегритет и зајакнување на борбата против корупцијата. Земјата, исто така, треба да ги усвои потребните уставни измени со цел вклучување во Уставот на граѓаните кои живеат во границите на државата и кои се дел од други народи, како што се Бугарите, како што е наведено во Заклучоците на Советот од јули 2022 година, кои земјата се обврза да ги започне и оствари.
Во Босна и Херцеговина, политичката криза во ентитетот Република Српска и крајот на владејачката коалиција го поткопаа напредокот во пристапувањето кон ЕУ, што резултираше со ограничени реформи, имено во заштитата на податоците и контролата на границите, како и потпишувањето на договорот со Фронтекс. Позитивно е што Босна и Херцеговина во септември 2025 година ја поднесе својата Реформска Агенда до Европската комисија. По неодамнешните институционални промени во ентитетот Република Српска, Босна и Херцеговина има можност да ги спроведе реформите на патот кон ЕУ. За ефикасно започнување на преговорите за пристапување, властите прво мора да ги финализираат и усвојат законите за судска реформа, во целосна согласност со европските стандарди, и да назначат главен преговарач.
Косово остана посветено на својот европски пат, со високо ниво на јавна поддршка. Доцнењето во формирањето на институциите по општите избори во февруари го забави напредокот во реформите поврзани со ЕУ. Зајакнувањето на меѓупартиската соработка и повторното приоритизирање на овие реформи е неопходно за Косово да се врати на вистинскиот пат кон ЕУ. Нормализацијата на односите со Србија и спроведувањето на обврските од Дијалогот остануваат составен дел од европската перспектива на Косово. Комисијата е подготвена да подготви Мислење за апликацијата за членство на Косово, доколку тоа го побара Советот. Комисијата ги презеде првите чекори за постепено укинување на мерките против Косово кои беа во сила од мај 2025 година. Следните чекори остануваат условени од одржлива деескалација на северот од Косово. Комисијата има намера дополнително да ги укине овие мерки под услов да се постигне уреден трансфер на локалната власт на северот по вториот круг од локалните избори и деескалацијата да се одржи.
Турција останува земја-кандидат и клучен партнер за ЕУ. Во согласност со заклучоците на Европскиот совет Од април 2024 година, ЕУ ги унапреди односите со Турција на фазен, пропорционален и реверзибилен начин, ангажирајќи се околу заедничките приоритети. Продолжувањето на разговорите за решавање на кипарското прашање е клучен елемент на соработката. Во исто време, зголемените правни постапки против опозициски личности и партии, заедно со повеќе други апсења, предизвикуваат сериозна загриженост во врска со придржувањето на Турција кон демократските вредности. Иако дијалогот за владеењето на правото останува централен за односите ЕУ-Турција, влошувањето на демократските стандарди, независноста на судството и основните права треба да се адресираат. Преговорите за пристапување со Турција се во застој од 2018 година.
Во 2024 година, Европскиот совет заклучи дека процесот на пристапување на Грузија во ЕУ е де факто запрен. Оттогаш, ситуацијата нагло се влоши, со сериозно демократско назадување обележано со брза ерозија на владеењето на правото и строги ограничувања на основните права. Ова вклучува законодавство кое сериозно го ограничува граѓанскиот простор, ја поткопува слободата на изразување и собирање и го крши принципот на недискриминација. Грузиските власти треба итно да го запрат своето демократско назадување и да преземат сеопфатни и видливи напори за решавање на отворени прашања и клучни реформи поддржани од меѓупартиска соработка и граѓански ангажман, во согласност со вредностите на ЕУ.
По заклучоците на Европскиот совет од декември 2024 година и во светло на континуираното назадување на Грузија, Комисијата ја смета Грузија за земја-кандидат само по име. Грузиските власти мора да покажат цврста посветеност за промена на курсот и враќање на патот на пристапување кон ЕУ.
Следни чекори
Следно, Советот треба да ги разгледа денешните препораки на Комисијата и да донесе одлуки за чекорите што треба да се преземат во процесот на проширување.
Контекст
Проширувањето е строг и праведен процес базиран на заслуги, заснован на објективниот напредок на секоја земја учесничка во проширувањето. ЕУ го поддржува зајакнувањето на институциите, демократското управување и реформите на јавната администрација во овие земји.
Со поттикнување на постепена интеграција, ЕУ носи придобивки дури и пред пристапувањето. Иницијативи како што се Планот за раст од 6 милијарди евра за Западен Балкан, Планот за раст на Молдавија од 1,9 милијарди евра и Инструментот за Украина од 50 милијарди евра им овозможуваат на земјите да напредуваат во своите реформи, како и да воспостават посилна врска со ЕУ, како на пример преку постепена интеграција и учество во SEPA и „Роминг како дома“.
Секое проширување ја направи нашата Унија посилна. Кога десет земји се приклучија на ЕУ во 2004 година, тоа го означи најголемото проширување на Унијата досега. Во двете децении оттогаш, новите членки видоа двојно зголемување на животниот стандард, намалување на невработеноста за речиси половина, зголемување на очекуваниот животен век од 75 на 79 години, нагло намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост и создавање на 6 милиони нови работни места. За постојните членки, трговијата оттогаш се зголемила за повеќе од пет пати, а се создадени и 20 милиони работни места. За ЕУ како целина, Единствениот пазар доби 74 милиони нови потрошувачи во тоа време, а економијата на ЕУ се прошири за 27% и покрај глобалната криза.
За повеќе информации
2025 Communication on EU Enlargement Policy – Enlargement and Eastern Neighbourhood Factsheet on the EU accession process
Factsheet on the accession negotiations state of play
За детални наоди и препораки
Montenegro: Report; Factsheet Albania: Report; Factsheet Ukraine: Report; Factsheet Moldova: Report; Factsheet Serbia: Report; Factsheet
North Macedonia: Report; FactsheetBosnia and Herzegovina: Report; Factsheet Kosovo: Report; Factsheet