Поблиску до одржлива мода: Младите против текстилниот отпад
Весна Ристовска од Богданци прави облека за себе уште од рана возраст. Сега, како долгогодишна наставничка во локалното училиште, ги учи своите ученици не само да шијат и дизајнираат облека, туку и тоа да го прават на одржлив начин. Опремена со свежо знаење од курс за циркуларна економија, во рамките на проект финансиран од ЕУ, Весна ги запознава своите ученици со основите на одржливата мода и ги охрабрува да ги применат овие принципи во пракса.
„Не само што собираме отпаден материјал, туку активно соработуваме и со текстилните компании од регионот, кои ни даваат парчиња ткаенина што инаку би ги фрлиле“, вели Весна.
People in Need
Еколошката свест е битен елемент во нејзините предавања. „Оваа година започнавме курс за одржлива мода за да разберат учениците какви последици остава брзата мода врз нашата животна средина. Мило ми е што ја разбираат важноста на оваа тема и место да купуваат нова облека, тие ја поправаат или редизајнираат старата. Своите ракотворби дури може да ги продаваат на локалниот пазар“, додава Весна.
Сунчица Костовска-Петровска од „Луѓе во потреба“ (People in Need), организација која го води проектот „Граѓанско општество и млади за инклузивен и одржлив развој преку циркуларна економија во Северна Македонија“, финансиран од ЕУ, објаснува дека целта е да се поддржат иницијативите на локалните училишта и организации за циркуларна економија. „Проблемот со управувањето со отпад во Северна Македонија е еден од најгорливите проблеми, кој ги загрозува животите на граѓаните. Ние ја поддржуваме транзицијата на земјата кон циркуларна економија“, вели Сунчица.
Часовите на Весна ги посетуваат и момчиња и девојчиња. Дел од нив сакаат да станат дизајнери, други се само заинтересирани за темата. Нејзиниот главен совет до учениците, но и до сите нас, е: „Прво, поправете, не фрлајте. Второ, редизајнирајте, не фрлајте. Трето, донирајте, не фрлајте.“