Помош Тим Европа: „ЕУ за економски раст“ и’ помага на Северна Македонија да ја трансформира економијата и да ја приближи до одржлива иднина
Финансирана од ЕУ и од германската Влада и спроведена во изминатите четири години од Германското друштво за меѓународна соработка – ГИЗ и Ериа Сајенс Парк (Трст, Италија), програмата „ЕУ за економски раст“ (EU4EG) им даде значаен поттик на малите бизниси во Северна Македонија. Проширена палета на производи, иновативни и еколошки пристапи, како и нови работни места се меѓу резултатите од иницијативата од која имаа корист повеќе од сто микро, мали и средни претпријатија од Полошкиот, Североисточниот, Југозападниот и Преспанскиот регион.
Поконкретно:
Програмата поддржа основање 37 нови бизниси во низа области – од производство и земјоделство до информациско-комуникациски технологии, рециклирање и циркуларна економија. Помагајќи им на бизнисите да се прошират, „ЕУ за економски раст“ исто така создаде 265 нови работни места, многу од нив во региони каде што можностите за вработување претходно беа сериозно ограничени. Компаниите поддржани од програмата ги надминаа очекувањата. Во просек, нивните перформанси се зголемија за 30% - тројно повеќе од почетната цел од 10%.
Проектот, исто така, им овозможи на компаниите да развијат 129 нови производи и услуги - од еколошки амбалажи до алатки од вештачка интелигенција за управување со фарми. Пример е МИТ Груп од Куманово, која - со нова опрема финансирана преку програмата - го прошири асортиманот на производи со рециклирана амбалажа, отвори нови работни места и се приближи кон воспоставување систем за собирање и третман на отпадна хартија.
Уште едно достигнување на програмата е намалувањето на просечното време за развој на бизнисот од осум месеци на само пет - преку забрзани програми за поддршка, менторство од експерти и поедноставени процеси на финансирање.
Износот на грантови доделени на бизниси, стартапи и организации за поддршка на бизнисот во рамките на програмата е над 5,5 милиони евра - инвестиции во опрема, дигитализација и зелена транзиција.
Покрај индивидуалните бизнис успеси, „ЕУ за економски раст“ работеше на изградба на посилна и поодржлива претприемачка средина што ќе и’ користи на земјата долго по завршувањето на програмата. Ова вклучува воспоставување пет регионални центри за обука на следната генерација претприемачи, како и воведување 51 нова услуга за поддршка на бизнисот, кои опфаќаат од обуки за извозна стратегија до обуки за циркуларна економија. Воедно, програмата им помогна на компаниите да го намалат отпадот и да усвојат решенија за обновлива енергија, дополнително усогласувајќи ја економијата на Северна Македонија со принципите на зелен и одржлив раст.
„Овие резултати покажуваат што се случува кога амбицијата добива вистинска поддршка: нови бизниси, одржливо вработување и посилни локални економии. ЕУ останува сигурен партнер на Северна Македонија во градењето модерна, конкурентна и зелена економија која е во интерес на сите. Додека земјата продолжува да се движи напред, ние ќе продолжиме да инвестираме во она што е најважно - нејзините луѓе, нивните идеи и регионите што го движат напредокот“, изјави амбасадорот на ЕУ Михалис Рокас, на завршниот настан на програмата на крајот од 2025 година.
GIZ