Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен во Скопје: Силна поддршка за отворање пристапни преговори со Северна Македонија што поскоро, нови инвестиции во младите и во заедничка – позелена и подигитална – иднина

Во рамките на турнејата низ Западен Балкан, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, го посети Скопје на 28 септември – за да ја изрази нејзината силна посветеност кон ЕУ-иднината на Северна Македонија и на регионот во надминувањето на „последната пречка“ до стартот на пристапните преговори со земјата.
„Јас сум ваш партнер, силен поддржувач. Сакам пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија да почнат што поскоро. Ве повикувам да не губите верба. Постигнавме многу, вие постигнавте толку многу, остваривте толкав напредок. Ви честитам за тоа. Ајде сега да го направиме и овој дополнителен напор, навистина ќе се исплати. Да работиме напорно за да ја постигнеме нашата цел – одржување на првата меѓувладина конференција до крајот на годинава, тоа е наша заедничка цел“, изјави Фон дер Лејен на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев, на која прашањето меѓу Северна Македонија и Бугарија беше една од темите. Претседателката на ЕК рече дека има „многу добри идеа кои заслужуваат да се разгледаат детално“.
https://twitter.com/vonderleyen/status/1442872545599004674
Прес-конференцијата се одржа во Младинскиот културен центар во Скопје, кој претходно беше реновиран со средства од ЕУ. Во Центарот беше поставена изложба за придобивките од Гаранцијата за млади - проект финансиран од ЕУ (и првпат спроведен надвор од ЕУ) за помош при вработување на млади. Симбол на „она што може да го направиме заедно“, рече претседателката пред да му предаде на премиерот грант од 2,6 милиони евра, дел од поголема буџетска помош од ЕУ за образование и вработување на млади во вредност од 15 милиони евра – инвестиција во „младите и во нашата заедничка иднина“.
https://twitter.com/vonderleyen/status/1442889830648762374
Ова е само мал дел од постојаната помош што ЕУ и’ ја доделува на земјата за справување со социјалните и економските последици од пандемијата со ковид-19. Северна Македонија доби 220 милиони евра во форма на грантови и директна помош, вклучително и за толку потребните медицински материјали и за поддршка на здравствениот систем. Досега ЕУ и’ додели 275.000 вакцини на Северна Македонија, а следуваат нови количини. Фон дер Лејен ги повика граѓаните да се вакцинираат „бидејќи не сакаме да имаме пандемија на невакцирани со сите ризици што ги носат мутациите“.
Со цел долгорочна обнова на Северна Македонија и на регионот, ЕУ подготви Економско-инвестициски план. Овој план, како што рече претседателката, бара квалитетни проекти од земјите од Западен Балкан за да стане заеднички успех во градењето позелена и подигитална иднина, која ќе се одликува со раст и нови работни места. Станува збор за огромна можност за инвестиции од дури 30 милијарди евра ширум регионот.
Покрај средбата со премиерот, на која присуствуваа и заменик-претседателот на Владата за европски прашања Никола Димитров, министерот за надворешни работи Бујар Османи и министерката за одбрана Радмила Шеќеринска, Фон дер Лејен имаше разговори и со претседателот Стево Пендаровски.
https://twitter.com/vonderleyen/status/1442910463583350784
Посетата се случи во пресрет на самитот ЕУ-Западен Балкан, закажан за 6 октомври во Словенија. „Таму ќе го утврдиме патот на нашата заедничка иднина. Воедно би сакала да бидете дел од Конференцијата за иднината на Европа, бидејќи Северна Македонија може да даде голем придонес. Ги видовме младите и сакаме да го слушнеме нивниот глас. Станува збор за нивната иднина, тие треба да ја обликуваат Конференцијата за иднината на Европа бидејќи се работи за нивната и за нашата заедничка европска иднина“, рече претседателката на ЕК.