Претседателката на Европската комисија Фон дер Лејен во посета на Северна Македонија
Турнејата беше можност за претседателката Фон дер Лејен да ја повтори поддршката на ЕУ за приклучување на регионот кон Унијата и да нагласи како ЕУ ги исполнува ветувањата во однос на Планот за раст.
„Ние целосно ја поддржуваме Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ. Може да сметате на нас. Следниот и единствен чекор пред почетокот на преговорите е јасен. Треба да ја направите договорената уставна промена. Топката е во вашиот двор. ЕУ е подготвена. Во меѓувреме, ја приближуваме вашата земја до нас. Тоа е целта на Планот за раст! Отвораме антена за фабрика за вештачка интелигенција во Скопје. Ве вклучуваме во Единствената платежна зона на Европа. И исплаќаме 16 милиони евра благодарение на реформите што ги направивте“, објави претседателката Фон дер Лејен на социјалната мрежа Икс (Х) по нејзините средби во Скопје.
Во текот на посетата на регионот, таа го поздрави приклучувањето на Северна Македонија, заедно со Албанија и Цена Гора, кон Единствената област за плаќањa во евра (СЕПА). Сега компаниите и граѓаните може да праќаат пари до и од ЕУ по значително помали трошоци. „Трошоците за трансфери во Западен Балкан беа шестпати повисоки отколку во ЕУ. Приклучувањето кон СЕПА ќе им заштеди на вашите компании околу 500 милиони евра годишно. Тоа се вистински пари на вашите завршни сметки. Пари кои може да ги вложите во она што е најважно“, рече таа во Тирана.
Претседателката најави и дека во Северна Македонија ќе се отвори една од новите антена-фабрики за вештачка интелигенција (ВИ), која ќе ја поврзе земјата со исклучителната инфраструктура на Европа за ВИ. „Како што посакувам иднината на ВИ да се создава во Европа, така посакувам и Западен Балкан да биде суштински дел од тоа“, рече таа.