Претседателот Кошта во посета на Северна Македонија
Обраќање на претседателот Антонио Кошта на прес-конференцијата по средбата со премиерот на Северна Македонија Христијан Мицкоски
Задоволство ми е што сум денеска тука во Скопјe. Ви благодарам уште еднаш, почитуван Христијан, за вашето гостопримство и за нашата продуктивна дискусија.
Проширувањето е наша заедничка цел, а иднината на Северна Македонија цврсто лежи во Европската Унија. Вашата влада покажа посветеност и сакам да ги пофалам континуираните напори што ги вложувате. Особено, би сакал да ја истакнам важноста на неодамнешниот, видлив напредок во поглед на реформската агенда за усвојување на патоказите за владеење на правото и реформи на јавната администрација, што е важно за Северна Македонија да има корист од Планот за раст на Европската Унија и да го унапреди пристапувањето кон ЕУ.
Исто така, би сакал да го поздравам вашето целосно усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија. Тоа испраќа силен сигнал за стратешката ориентација на Северна Македонија и заедничките вредности.
Европската Унија осигурува траен мир и стабилност за своите земји-членки преку отпорни демократски институции и силни економски врски. Проширувањето им ги нуди истите можности на нашите соседи во Европа - како Северна Македонија.
Усвојувањето на договорените уставни амандмани останува неопходен следен чекор кон формално започнување на пристапните преговори. Тоа е единствениот начин да се отклучат сите придобивки од членството во Европската Унија за народот на Северна Македонија. Европската Унија е најдоверливиот партнер на Западен Балкан и на Северна Македонија, нејзин главен инвеститор и трговски партнер. Ние остануваме посветени на понатамошна поддршка - како политички така и финансиски.
Сепак, на крајот на краиштата, моќта за обликување на вашата иднина е во ваши раце. Единствениот начин да се постигне напредок кон европската интеграција е да се вклучите во конструктивен дијалог со вашите соседи, да преземете прагматични чекори за градење доверба и да ги спроведете потребните реформи.
Почитуван Христијан, ќе се видиме повторно на крајот од оваа недела во Тиват, во Црна Гора, заедно со лидерите на Европската Унија и Западен Балкан. Самитот ќе биде јасна демонстрација на нашата решеност да ја унапредиме нашата соработка и да го надградиме моментумот на проширувањето на Европската Унија.
Се радувам на тоа.
И уште еднаш, ви благодарам многу за вашето гостопримство.
Видеа од прес-конференцијата: