Претседателот Кошта во посета на Северна Македонија

 

Обраќање на претседателот Антонио Кошта на заедничката прес-конференција со премиерот на Северна Македонија Христијан Мицкоски

Ви благодарам многу, почитуван премиере, почитуван Христијан, за топлото добредојде во Северна Македонија и за овој навистина исцрпен, но многу конструктивен разговор. 

Цврсто сум уверен дека проширувањето е заедничка цел која ја споделуваме. Тоа е најдобрата геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста и стабилноста што сите ние може да ја направиме. 

Ја поздравувам одличната работа што Северна Македонија и Вашата Влада ја направивте за Реформската агенда и напредокот што веќе го постигнавте. Треба да ја искористиме оваа можност за да ги завршиме стратешките инвестиции, како што се Коридорот 8 и Коридорот 10. 

Во текот на нашиот состанок, повторив дека иднината на Северна Македонија е во Европската Унија. Веќе остваривме голем напредок и разговаравме за преостанатите чекори кои треба да се направат за да се заврши процесот, и го охрабрувам премиерот да продолжи со напорите за натамошен напредок.

Почитуван Христијан, може да сметате на нас – Европската Унија е со вас, подготвена да помогне да се искористи овој моментум.

Сега е клучно да продолжат реформите и да се вложат напори во владеењето на правото и во борбата против корупцијата. 

Би сакал и да оддадам признание за вашата усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика и за вашата поддршка за Украина. 

Уверен сум дека вашите идни ангажмани – вклучително и во меѓународните форуми – ќе ги одразуваат вредностите кои ги споделуваме. 

Партнерството за безбедност и одбрана, кое го потпишавме минатата година, е врвен пример за приближувањето на Северна Македонија кон Европската Унија, со конкретно зголемување на соработката во клучни области како што се поддршката за Украина, одговорот на хибридните закани и справувањето со тероризмот. 

Северна Македонија направи многу. Треба да останете на овој пат. Пристапниот процес е повеќе маратон отколку спринт. Тој бара работа. Понекогаш може да фрустрира – што беше случај со сите претходни земји-кандидатки. Но сите тие ја постигнаа целта и секако ќе ја постигнете и вие.

Со вашата одлучност, напорна работа и соработка ќе стигнете до целта, надминувајќи ги препреките. Ви благодарам многу.

 

Видеа од прес-конференцијата

https://newsroom.consilium.europa.eu/permalink/262147

https://newsroom.consilium.europa.eu/permalink/262144

https://newsroom.consilium.europa.eu/permalink/262145

https://newsroom.consilium.europa.eu/permalink/262146