Ранчот на Марија во Ранковце: Грижа за животните, за благосостојбата на луѓето и - со помош на ЕУ - за животната средина
Ранчот на Марија во Ранковце е неверојатно место. Над 60 животни – коњи, магариња, кози, штркови, кучиња и мачки, најголем дел од нив спасени - се шетаат наоколу. Добро згрижени, животните дочекуваат посетители и им помагаат повторно да се поврзат со природата и така да остварат здравствени придобивки. Тие се само од дел од стотиците животни кои Марија успеала да ги спаси.
Родена во Крива Паланка, Марија се школувала во Скопје по што живеела 14 години во Њујорк. Потоа одлучила да се врати во татковината – и да се насели на село.
„Сакав да и’ се оддолжам на заедницата овде. Во САД, волонтирав во центри за хипотерапија (третман кој го користи ритмичкото движење на коњите за да ги подобри невролошките и физичките фунции кај пациенти со моторни, сензорни или ментални нарушувања). Имам големо искуство во работа со лица со психолошки или проблеми со видот. И сакав да им покажам на луѓето овде дека животните имаат моќ да помагаат“, вели Марија.
Бидејќи нејзината мисија е поддршка на локалната заедница, Марија ја основа првата невладина организација во Ранковце. „Пинк сапорт” (Pink Support) организира настани и работилници за жени и самохрани родители, како и сесии за хипотерапија и за дигитален детокс.
Со помош на проект финансиран од ЕУ, Марија сега ќе ја надгради одржливоста на својот ранч. Проектот „Граѓанско општество и млади за инклузивен и одржлив развој преку циркуларна економија во Северна Македонија“ и’ помогна, преку обука, да ја претвори во план идејата органскиот отпад да го користи за органски пелети за потребите на животните. И и’ додели грант да го преточи планот во пракса.
„Членовите на граѓанското општество имаат клучна улога кога станува збор и за хуманитарен одговор и за планирање на развојот. Ние ги оспособуваме со вештини, ресури и мрежи да ја остварат таа улога. Ни претставува привилегија да соработуваме со луѓе како Марија и да придонесуваме за зајакнување на практиките на циркуларната економија во Северна Македонија“, вели Сунчица Костовска-Петровска од „Луѓе во потреба“ (People in Need), организација која го води проектот.