Солидарност на дело: ЕУ продолжува да и’ помага на Северна Македонија во борбата со пожарите
Во рамки на Механизмот на ЕУ за цивилна заштита, во текот на јули, земјата доби помош за гаснење пожари од воздух (од Грција и Чешка) и од земја (од Словенија).
Во почетокот на јули, откако Владата го активира Механизмот, два авиона-канадери од Грција беа итно распоредени да помогнат во гаснењето пожар на југот од Северна Македонија. Подоцна, чешки хеликоптер и словенечки противпожарен тим (со 62 пожарникари и 18 специјализирани возила) беа испратени да им помогнат на властите во напорите да стават под контрола голем пожар во источниот дел од земјата. Тогаш помош понудија и Австрија и Франција.
Механизмот покрива значителен дел од трошоците на помошта за гаснење пожари – останатите трошоци ги покриваат земјите кои ја нудат помошта, како дел од европската солидарност. Северна Македонија ги покрива трошоците за храна и сместување на странските тимови, како и трошоците за гориво.
Ова не е првпат Механизмот на ЕУ за цивилна заштита да се мобилизира за да и’ помогне на земјата во справување со природни непогоди. Минатата година помош за гаснење од воздух дојде од Германија, Кипар, Романија, Словенија, Србија, Туркије, Хрватска, Чешка и Шведска. Во летото 2021 година, поддршката на ЕУ преку Механизмот беше клучна за гаснење на големите шумски пожари во околината на Пехчево и Берово. Во 2015 и 2016 година, Механизмот обезбеди навремена поддршка за справување со големите поплави што ја зафатија земјата. Поддршка преку Механизмот беше обезбедена и за време на пандемијата со КОВИД-19.