Со помош на ЕУ, авантуристичкиот туризам станува безбедна активност во регионот на Охридското Езеро

Во 2017 година, ЕУ, во рамките на проект за прекугранична соработка со Албанија, ја финансираше изградбата на нов објект на тренинг центарот на Црвениот крст во Охрид. Целта беше да се обезбедат соодветни услови за обука на млади од регионот кои сакаат да бидат дел од благородната професија на спасувачи. И на тој начин да придонесат прекуграничниот регион на Охридското Езеро да стане безбедна дестинација за туристите со авантуристички дух.
Изградбата заврши по две години, заедно со набавката на опрема за брза реакција во секакви ситуации. Досега 92 лица ја завршија обуката – 52 се лиценцирани планински спасувачи, а 40 се спасувачи на вода. Спасувачите со најдобри резултати поминаа дополнителна обука за инструктори. Сега Центарот е целосно оперативен – за спасувачки акции на планина (од Охрид) и на вода (од Подградец, Албанија).
Според Антонио Додевски, шеф на Планинската спасувачка служба, досега екипите спасиле над 40 човечки животи во повеќе од 100 спасувачки операции.
„Би ја издвоил евакуацијата на повреден параглајдерист од стрмен карпест дел на планината Галичица. Откако му дадоа прва помош, односно го запреа обилното крварење и го имобилизираа, спасувачите спроведоа сложена постапка за евакуација и транспорт до медицински центар. Операцијата заврши успешно благодарение на подготвеноста и ефикасноста на спасувачите, како и на модерната опрема набавена во рамки на проектите на ЕУ за прекугранична соработка“, вели Додевски.
Со цел да се обезбеди 24-часовна сигурност на туристите, се воспостави и нова СОС-линија. Беа организирани и настани и работилници за промоција на работата на Центарот и за вклучување нови млади луѓе во меѓународно признатата програма за обука.
Повеќе детали за проектот на следниве линкови https://pss.org.mk/ и https://www.facebook.com/OhridMountainRescue/.