Со помош на ЕУ, убавината и историјата на Хераклеја достапни за секого
Благодарение на проектот „Смарт-кул-тур“, финансиран од ЕУ, Хераклеја сега е пристапна за лица со попреченост – поставени се лифт и рампа кои им овозможуваат пристап до амфитеатарот, срцето на Хераклеја и сцена за многу настани, како и до видиковецот. Благодарение на проектот, достапен е и повеќејазичен аудио-водич – со помош на мобилна апликација, посетители од целиот свет имаат можност за подобар увид во историјата и важноста на локалитетот – на англиски, француски, германски, италијански и полски, покрај на македонски и албански јазик. Поставена е опрема за виртуелна и „проширена“ реалност, која на корисниците им го оживува оригиналниот изглед на местото. А т.н. Римски пат, делница од некогаш славната Виа Игнација, е возобновен со гранитни коцки – за да им навести на туристите како изгледала Хераклеја во нејзините славни денови.
„Смарт-кул-тур“ е проект во рамките на Програмата за ЕУ за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Албанија – во случајов, меѓу регионите Пелагонија и Корча. Негова цел е да промовира туризам, заштита на културно и природно наследство, како и прекугранична размена на искуства и добри практики, притоа поддржувајќи ги локалните бизниси и охрабрувајќи ги младите да бидат активни во целиот процес.
На страната на Албанија, проектот помогна да се возобнови стара училишна зграда и да се основа музеј во чест на писателот Стерјо Спасе во селото Глобачани, општина Пустец.
За повеќе детали за проектот, кликни овде https://heyzine.com/flip-book/769440d047.html?fbclid=IwAR1MbHGbuUnYamGv5dAhbnxtzyRCYFkgWiKc2ldbDzUoW67ZS99uOR_qi0k#page/1