16 дена активизам против родово базирано насилство 2025: Заедно, може да ја промениме приказната!

Годинешната кампања ја нагласува потребата од дополнителни напори за спречување на насилството врз жени, изразува солидарност со жртвите и поддршка за оние што ги заштитуваат, но вклучува и сведочења на жени кои излегле од маѓепсаниот круг, испраќајќи порака дека приказната на насилството може да се промени – со лична храброст и со помош од општеството.

 

Весна е мајка на три деца, жртва на трговија со луѓе и сексуално насилство. Во момент на храброст и со поддршка од пријател, полицијата и невладина организација, успева да избега од заробеништво во странство и да се врати дома. И покрај длабоката траума, таа денес создава нов живот - ново семејство, работа и посветеност да им помага на други жени. 

Весна е една од осумте хероини во годинешната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“, организирана од канцелариите на Европската Унија, Обединетите нации и ОБСЕ во Северна Македонија. Нивните приказни покажуваат дека жртвите на насилство може да го прекинат молкот и да се изборат за животот што го заслужуваат. А видео-пораките од претставници на Делегацијата на ЕУ, Европската инвестициска банка и спортисти јасно укажуваат дека насилството врз жени не е само грубо кршење на човековите права, туку и закана за демократијата, како и дека спротивставувањето на насилството е задача за целото општество. 

Како што истакна амбасадорот на ЕУ Михалис Рокас на почетокот од кампањата, „насилството може да се спречи и наша заедничка одговорност е да го запреме!“ „Ги повикувам институциите целосно да ги спроведуваат законите и да доделат соодветни ресурси. Ги повикувам заедниците отворено да зборуваат, да ги поддржат жртвите и да ги оспорат штетните норми. И ги повикувам сите граѓани да бидат сојузници во градењето општество каде жените и девојчињата ќе живеат безбедно, слободно и рамноправно“.