• Image
    веб

Хероина бр. 1

Весна е мајка на три деца, жртва на трговија со луѓе и сексуално насилство. Измамена од блиска пријателка, завршува во заробеништво во странство, каде што е изложена на насилство и контрола. Во момент на храброст и поддршка од пријател, полиција и невладина организација, успева да избега и да се врати дома.

И покрај длабоката траума таа денес создава нов живот. Ново семејство, работа и посветено им помога на други жени. Весна е симбол на отпорот, солидарноста и женската сила.

КОГА ДОВЕРБАТА СТАНУВА ЗАМКА

„Имав 36 години, и бев пред развод. Се чувствував изгубено и исплашено. Бев економски зависна. Сакав да заминам да работам во странство, да се спасам од сè и да почнам од нула.“ признава Весна. 

Таа не е наивна, таа отворено зборува дека во тој период се соочува со криза - емотивна, економска, семејна. Во такви моменти, довербата станува ризик. „Пријателка ми понуди работа во странство. Верував дека ќе ми помогне.“

Психолошки, ова е класичен пример на манипулативна регрутација кога сторителот ја користи довербата и моментот на емоционална нестабилност за да ја вовлече жртвата во состојба на целосна контрола. Весна е транспортирана преку неколку држави, без документи, без можност за отпор.

КОГА ТЕЛОТО ЗБОРУВА

Во станот каде што била сместена, Весна живеела под постојан надзор и под целосна контрола. „Ми беше забрането да имам комуникација и немав телефон – ми беше изгасен.“ Во еден момент успеала да го земе телефонот и да испрати порака: „Не сум добро.“ Тоа било доволно за да се активира потрагата која се одвивала преку Интерпол.

Полицијата ја лоцирала и ја посетила двапати. „Ме прашаа дали е сè океј, а јас под принуда морав да кажам дека е.“ Но при вториот обид, Весна го направила единствениот можен потег. „Полицаецот се поздрави со сите. Полицајката ми пружи мене рака, и јас ѝ ја стиснав раката и не ја пуштам. Таа тогаш ме повлече и ме зедоа. Така излегов од таму.“

Стисокот на раката бил клучен момент. Во ситуации на заробеништво, жртвите често не можат гласно да побараат помош, но телото реагира. Весна не кажала ништо, но не ја пуштила раката на полицајката — доволно јасен сигнал за службеничката да препознае дека нешто не е во ред. Тоа бил првиот конкретен чекор кон нејзиното извлекување.

ВАЖНО Е ДА НЕ СИ САМА 

По извлекувањето, Весна била сместена во шелтер-центар. Но стравот не исчезнал веднаш. „Кога ја посетувавме полицијата за да одговорам на прашања, го видов човекот во близина. Мислев дека ќе добијам срцев удар. Влеговме во една продавница, ми даваа вода, шеќер… не знам како успеав да се смирам.“

Таа состојба на посттрауматски стрес е честа кај жртвите на трговија со луѓе. Телото реагира на секој потсетник мирис, лице, простор како на нова закана. Весна вели дека долго време не можела да спие. „Долг период беше легни – штрецни се. Немав мирно спиење.“

По враќањето во земјата, стапила во контакт со една жена од невладина организација. „Од тогаш работите тргнаа поинаку.“ Започнала редовна психолошка и психијатриска поддршка. „Ми требаше време, ама после неколку посети и долги разговори почнав да се чувствувам како човек.“

Во тој процес, клучна улога одиграл и пријателот со кој претходно била во контакт — човекот со кого денес живее. „Тој ми помогна многу. Ми даде простор да се смирам, да се чувствувам безбедно. Не ме притискаше, само беше тука.“

Стабилната, ненаметлива поддршка игра клучна улога во процесот на закрепнување. Кога жртвата не е оставена сама со траумата, се создава простор за доверба, за смирување, за повторно воспоставување на чувство на контрола. Во случајот на Весна, токму тој вид поддршка — од партнерот, од психолозите, од организацијата — ѝ овозможил да започне соочување со болката и постепено да се врати кон себе.

ЖИВОТОТ ПОСЛЕ НАСИЛСТВОТО

Денес, Весна живее со партнерот кој ѝ помогнал да се извлече од насилството. Заедно имаат дете, а со неа се и двете деца од претходниот брак. „Сега сме во брак, живееме заедно, имаме детенце. Тој беше единствена светла точка во тој период.“

Семејството ѝ овозможило чувство на сигурност, место каде што може да се чувствува безбедна, слушната и прифатена. „Собирав сила пред децата да не покажувам колку ми е тешко. Тие ми беа утеха.“

Весна е вработена, продолжува со психолошка поддршка и гради секојдневие во кое има избор. „Штом собрав храброст од таму да излезам сама, можам да продолжам понатаму.“ 

Весна денес не зборува само за преживување — таа зборува за избор. За храброста да се побара помош, за тишината што добива глас, за  говорот на телото. Нејзината приказна не бара сожалување, туку внимание. Таа е потсетник дека секоја жена заслужува простор за сигурност, поддршка и слобода. И дека најважно од сè — ниедна жена во борбата не треба да биде оставена сама.

  • Image
    веб

Хероина бр. 2

Лиле е мајка на три деца, денес дипломиран фармацевт која успеа да побегне од кругот на семејно насилство и да изгради нов живот од нула. Денес, Лиле живее слободно со своите деца, работи како фармацевт и активно им помага на другите жени да проговорат, да се борат и да му стават крај на насилството.

ОКОЛИНАТА НЕ ТРЕБА ДА БИДЕ ИЗГОВОР ЗА ТИШИНА 

Лиле со години живеела во постојан страв не само за себе, туку и за своите три деца. Секој обид да замине од насилната средина бил проследен со неизвесност: како ќе се снајде без работа, без дом, без возачка дозвола, без сигурност? „Се плашев како ќе успеам, немав ништо, ни лиценцата ја немав земено“ раскажува. Но, уште поголем бил товарот на грижата како ќе реагираат децата, родителите, луѓето околу неа. „Премногу мислев на сите освен на себеси. Замислете, во тој период моите деца не се осмелуваа да кажат што мислат или што сакаат,“ признава таа.

Овој тип на претерано размислување и анализирање често се јавува кај жртви на семејно насилство, особено кај мајки кои се обидуваат да ги заштитат децата од дополнителна траума. Стравот на Лиле не бил само личен. Неизвесноста дали околината ќе ја разбере и дали нејзината приказна ќе биде сфатена сериозно честопати ја хранела недовербата дека нешто навистина може да се промени. „Имав пријавувано неколку пати, но токму полицајците кои беа пријателски настроени кон мојот тогашен сопруг ме советуваа да се повлечам и смирам, наместо да проценат колку е опасна ситуацијата за мене“ вели таа, опишувајќи чувство на беспомошност во средина каде што сите се познаваат, а личните врски имаат предност пред професионалната етика.

Во такви заедници, каде што тишината најчесто се претпочита пред вистината, жените се соочуваат не само со насилство, туку и со недоверба, озборувања и страв дека нема да бидат заштитени.

ВЕРУВАШ ВО СЕБЕ КОГА НЕКОЈ ЌЕ ПОВЕРУВА ВО ТЕБЕ

Во најтешките моменти, Лиле имала поддршка од личност која денес ја нарекува „повеќе од сестра“. Нејзината докторка и пријателка била првата што ѝ верувала, што ја слушала без осуда и што ѝ давала сила кога таа самата не можела да ја пронајде. „Секој ден, секоја минута кога имав потреба, таа беше тука. Сакаше да сфатам дека не сум сама,“ раскажува Лиле. 

Токму преку неа, Лиле дознала за постоењето на СОС линијата на Националниот совет за родова рамноправност и за можноста да добие стручна помош. Анонимното советување е почетокот на нејзиното извлекување од кругот на насилството. „И денес таа е мојата најголема поддршка. Сè уште ми дава сила и ми помага да останам храбра,“ вели Лиле. 

КОГА СЛОБОДАТА ГО ПОБЕДУВА СТРАВОТ

Во СОС центарот секојдневно комуницирала телефонски со психологот и тимот,  бидејќи тоа ѝ бил единствениот достапен начин. Потоа следела поддршка од Центарот за социјални работи. Но, најсуштинската промена ја доживеала во шелтер центарот. Психотерапијата во шелтер центарот ѝ помогнала да се ослободи од стравот, од сè што со години го чувала во себе. „Во прв момент мислев дека сум добро, можам да го издржам тоа што ми се случува,“ раскажува Лиле, „но кога ги почувствував слободата и мирот, моментот кога почувствував дека сум на сигурно, сфатив дека не сум добро. По долг период на страв и напнатост моето тело конечно се опушти. Тогаш почнаа да се појавуваат симптоми кои дотогаш биле потиснувани: тресење, несоница, кошмари, внатрешна вознемиреност.“ 

Хроничниот стрес, психолошката замрзнатост, блокираното тело и ум, сето тоа е дел од механизмот на преживување. Кај жртвите кои долго време живеат во траума, ваквите реакции не се неочекувани, велат експертите. Тоа е начинот на кој психата се штити додека трае болката.

Од таа причина и денес Лиле со позитивни емоции се навраќа на ова место и го нарекува „омилено“. Затоа што се чувствува безбедно, прифатено и охрабрено. „Кога ми е тешко, имам потреба да одам таму,“ вели Лиле.

ДВЕ ГОДИНИ ПОДОЦНА ГО ЖИВЕЕ ЖИВОТОТ ШТО ГО ЗАСЛУЖУВА

„Кога одлучив дека мора да почнам од нула, заминав само со облеката на мене и децата, а денес по две години имаме сè,“ со сјај во очите вели Лиле. Работи како фармацевт, во професијата што ја сака. Успеала да ја земе лиценцата, да положи за возачка дозвола и да купи свој автомобил. Децата ѝ се на сигурно, одат во училиште и градинка, растат во мирна и стабилна средина. Таа продолжува да се грижи за своето ментално здравје и редовно посетува психолог. И не застанува тука, има сертификати за шминка и нега, и веќе е запишана на специјализација по медицинска дијагностика на Медицинскиот факултет во Скопје. Благодарна е и за поддршката од родителите, кои ѝ помогнале да создаде топол дом за себе и децата. „Мојот живот сега изгледа подобро од кога било,“ вели Лиле — и тоа не е само изјава, туку живот што секојдневно го живее.

КОГА МАЈКАТА Е ДОБРО И ДЕЦАТА ЌЕ БИДАТ ДОБРО

Таа зборува од искуство и од срце. На секоја жена која се наоѓа во слична ситуација ѝ порачува: „Прво мисли на себе. Кога мајката е добро и децата ќе бидат добро.“ Нејзината порака е едноставна, но суштинска — храброста не значи да немаш страв, туку и покрај тоа да го направиш првиот чекор. Истовремено, упатува апел до институциите: да реагираат брзо, одговорно и со чувствителност кон жртвите на семејно насилство. Судските процеси, мерките за заштита, разводите и барањата за социјални станови не смеат да се одвиваат со месеци и години, затоа што секој ден во неизвесност е ден во кој жената се бори за својата безбедност. „И јас сум една од тие што има поднесено апликација за социјален стан и чекам одговор,“ вели Лиле, „и се надевам на позитивен.“ 

Оваа приказна потсетува колку храбри умеат да бидат жените дури и тогаш кога се најранливи. Таа е инспирација за сите што се борат да ја променат својата приказна. Во неа има надеж, сила и доказ дека првиот чекор, иако тежок, е можен. А, за оние што сè уште молчат, ова е тивок повик - живот без страв постои.

  • Image
    веб

Хероина бр. 3

Лејла е мајка на две деца и жртва на семејно насилство. По 17 години исполнети со страв, закани и болка, успева да го напушти насилникот и да започне нов живот. И покрај долгогодишната траума, болеста и институционалните препреки, таа се изборила за развод, старателство и безбедност за себе и своите деца.

Со поддршка од психолог, пријатели и институции, денес живее под кирија, вработена е и повторно се чувствува како жена. 

МОЛЧЕЊЕТО НЕ Е ЗЛАТО

Лејла се омажила млада. Била бремена и имала надеж дека ќе создаде стабилно семејство. Но веднаш по стапувањето во брак, сопругот заминал во затвор поради трговија со наркотици. Таа останала сама со мало бебе, без сопствен приход, со родители кои имале здравствени потешкотии. „Многу работи ги молчев и лажев, само за да не им бидам товар. Не сакав да ги загрижувам дополнително,“ раскажува таа. 

По три тешки години, сопругот се вратил од затвор. Таа мислела дека најлошото е зад неа. „Се надевав дека ќе се смири, дека ќе почнеме одново. Но се лажев, дури тогаш започна голготата.“ Насилството било постојано — физичко, психолошко, економско. „Ме удираше, ме навредуваше, ме обвинуваше дека ќерката не е негова. Ме натера да правам ДНК тест за да му докажам.“

Родителите дознале, но не можеле да ја заштитат. Тој им се заканувал и ним. „Се плашев за сите. Децата растеа во страв. Синот ми се разболе од дијабет. Парите што ги заработував не стасуваа — тој ми ги зимаше за дрога. Ако не му дадев, почнуваше хоророт.“ Во обид да ги заштити децата, се согласила да се пресели во странство.

КОГА ТЕЛОТО ВЕЛИ „НЕ“

По години и години молчење и непрекината изложеност на насилство, години на траума и страв, потиснатите емоции оставиле трага. Псоријазата била првиот знак. Потоа — дијагноза на карцином. „Гледав како телото ми се распаѓа. Сè беше толку лошо, што побарав помош на Клиника за кожни болести во Скопје. Таму ми дијагностицираа карцином.“

Кога ѝ погледнала на смртта во очи, сфатила дека веќе нема време за чекање. Дијагнозата на карцином била уште еден удар, но и сигнал. Хемотерапијата била тешка, косата ѝ паѓала, телото се менувало, но токму таа физичка трансформација ја поттикнала и психолошката. „Гледав како се менувам, и си реков — време е да се сменам и одвнатре. Да престанам да трпам.“ Тоа бил моментот кога почнала да верува дека може да успее. Не само да преживее, туку и да се ослободи од него и тој начин на живот. „Ако можам да ја победам болеста, морам да го решам и овој проблем,“ вели таа.

СИЛАТА ЗА ПРОМЕНА

На почетокот, институциите не знаеле како да ѝ помогнат. Кака што вели самата: „Се однесував како нестабилна личност - 16 пати поднесував пријава, па ја повлекував. Се плашев, се надевав, се двоумев. И тие ме гледаа како да не знам што сакам.“ Но вистинската промена започнува кога самата одлучува да се избори. „Ако сакаме вистинска помош, мора прво ние да се охрабриме. Од нас зависи.“

Најголема сила ѝ била психолошката поддршка. „Советувањето, насоките што ги добивав од психологот ми помогнаа да сфатам дека јас не сум виновна за насилството. Единствениот виновник е мојот сопруг — насилникот.“ Психологот ѝ бил достапен во секој момент. „Кога бев во странство, се слушавме онлајн. Ми помогна да сфатам дека не сум виновна. Дека не сум сама.“

Подоцна, поддршка добила и од институциите. „МВР, Јавното обвинителство и Центарот за социјални работи почнаа поажурно да гледаат на мојата приказна.“ Тоа било потврда дека системот реагира, но важно е жената да проговори навреме и да не се двоуми.

ЖЕНА ШТО ПОВТОРНО СИ ПРИПАЃА НА СЕБЕ

По 17 години во кои сопственото лице ѝ било непознато, денес повторно се гледа себеси. „Сега после толку време мислам на својот изглед. Сакам да се средам за себе. Децата се изненадени. Ме гледаат средена, без солзи, без крвави очи и подочници. Горда сум на себе.“ Успехот за неа не значи статус, туку мир. „Да спиеш мирно и во тивко. Да се смееш со своите деца. Да можеш да поканиш пријателка без да се плашиш како тој ќе реагира.“

Работи, живее под кирија, сама ги организира обврските. „Многу подобро се чувствувам. Ги обавувам обврските кога јас сакам, а не кога некој ќе ми нареди со пцовки и удари.“ Работата ѝ носи финансиска сигурност, но и простор за себе. „Излегувам од дома, се дружам со други луѓе. Не мислам само на проблемите.“

Целите ѝ се јасни: да биде стабилна, да ги научи децата на вредности, да биде пример. „Сакам да бидам пример за ќерка ми — дека насилство не треба да се трпи. А синот да знае дека нема право да крене рака на девојче.“

Приказната на Лејла е гласот на многу жени кои чекаат и молчат, надевајќи се дека насилството е само фаза. Но ниедна жена не треба да верува во моќта на тишината. Молкот е замка. Жената мора да научи дека првиот шамар е веќе премногу. И дека тогаш треба да почне крајот на врската или бракот. Нејзината борба е лична, но и колективна. „Јас се борам и ќе се борам — за себе, за децата, за сите жени. Затоа што заедно сме посилни. Затоа што е полесно кога знаеш дека не си сама.“

Оваа приказна е потсетник дека секоја жена има право на глас, на избор, на живот без страв. И повик: да не се чека. Да се каже стоп на време. Да се започне ново поглавје со мир, достоинство и сила.

  • Image
    веб

Хероина бр. 4

Даница, самохрана мајка на три деца, жртва на семејно насилство, успева да излезе од насилна врска благодарение на поддршката од граѓанска организација. И покрај заканите, следењето и економската несигурност, таа се изборила за старателство, правна заштита и нов почеток. Денес, преку изработка на накит, гради пат кон финансиска независност и психолошко заздравување, вклучувајќи ги и своите деца во процесот. Нејзината приказна е сведоштво за храброста, мајчинската сила и значењето на навремена поддршка.

НАДЕЖТА КАКО СТАПИЦА

Даница го изгубила својот татко кога имала тринаесет години. Животот ја научил како изгледа да растеш без родителска поддршка и токму затоа, кога станала мајка, сакала нејзините деца да имаат татко покрај себе. Тоа била првата причина зошто се обидувала да го задржи бракот. 

„Проблемите почнаа уште со првата бременост. Беше агресивен, насилен. Три дена сè ќе биде добро, наредните десет сè по старо.“ – раскажува таа. Насилството не било само физичко. Било емоционално, психолошко, економско. Жртвите на семејно насилство често остануваат во врската затоа што се надеваат дека нешто ќе се смени.

Психолозите објаснуваат дека надежта за промена е дел од циклусот на насилство – по секој напад следи период на „мир“, извинување или игнорирање, што ја храни илузијата дека можеби ќе биде подобро. „Мислев дека правам добро за децата, ама цело време страдав. Работите никако не одеа на подобро. Почна да ме малтретира не бирајќи дали се децата со мене, дали спијат или не.“ – признава Даница.

СИРОМАШТИЈАТА КАКО ТИВОК СОУЧЕСНИК

Во Северна Македонија, многу жени се соочуваат со структурна сиромаштија, особено кога стануваат самохрани мајки. „Со три малолетни деца и без финансиска поддршка, не знаев каде да одам.“ Економската зависност е една од најголемите пречки за излез од насилна врска. Кога немаш сопствен приход, сопствен простор, ниту сигурност дека ќе можеш да ги нахраниш децата – изборот да ставиш крај на приказната изгледа невозможен.

ОД СТРАВ ДО СТАРАТЕЛСТВО - ПОДДРШКАТА МЕНУВА СÈ 

Во момент на целосна неизвесност, кога Даница не знаела каде да се обрати, нејзината тетка ѝ предложила да побара помош од граѓанска организација која нуди бесплатна правна и психолошка поддршка за жени. „Знаев дека ми треба финансиска и правна помош, а немав ништо,“ вели таа.

Стравот бил постојан. Тој ја следел, ја уценувал, ѝ се заканувал дека ќе ја убие. „Не се осмелив да го пријавам. Сè трпев,“ признава. Но преку граѓанската организација, Даница добила простор да проговори, да се заштити, да почне да верува дека излезот е можен. „Со многу сила и надеж, почнав да верувам дека ќе успеам да ги спасам децата, но и себе.“

Разводот и добивањето на старателството биле пресвртница — и правна, и лична. За многу жени, тоа е чекор што изгледа недостижен. За Даница, тоа било доказ дека нејзината борба не е залудна, но и потврда дека институциите можат да застанат зад жена која се охрабрила да проговори, која побарала помош и покажала дека заслужува поддршка.

НАКИТОТ КАКО ТЕРАПИЈА И СИГУРНОСТ

Поддршката од граѓанската организација не завршила само со психолошката и правната помош. За Даница, тоа било само почеток. Организацијата ѝ понудила и можност за економско зајакнување. „Со нивзапочнавме изработка на накит – тоа за мене е голема економска поддршка, но и психолошка релаксација.“ Даница не само што учи да дизајнира накит, туку своите деца ги учи на занает, на самодоверба, на вредности.

„Убаво е чувството кога сам нешто создаваш, твориш и кога од тоа ќе произлезе дело со кое се гордееш“, ни признава Даница.

Приказната на Даница не е исклучок — таа е огледало на многу жени во Северна Македонија. Но, таа е и доказ дека поддршката, правната заштита и економската автономија можат да го променат животот. Таа покажува колку е важно жените навреме да добијат помош, да бидат слушнати, заштитени и охрабрени. Оваа сторија е повик до институциите и до заедницата да ги заштитат и поддржат жените, но и повик до секоја жена: да не молчи, да побара помош, и да верува дека е можно. Дури и кога изгледа невозможно.

  • Image
    веб

Хероина бр. 5

Во Северна Македонија, сè уште постојат жени кои, поради страв, осуда или институционални пречки, не успеваат навреме да побараат помош и со години живеат во тишина како жртви на семејно насилство. Ова е приказна на четириесетгодишната Снежана од Штип, докторка по општа медицина, мајка на две деца, која долги години живеела во насилна врска, изложена на физичко и психичко малтретирање. Иако професионално активна, нејзиниот приватен живот бил проследен со контрола и закани. Нејзината борба трае. Но, насилството е зад неа. 

ЉУБОМОРАТА НЕ Е ЉУБОВ

Во многу случаи на семејно насилство, контролата започнува со љубомора. Жените кои се професионално активни често се соочуваат со партнери кои го доживуваат нивниот успех како закана. Наместо поддршка, добиваат ограничувања. Наместо партнерство — надзор. Насилството не мора секогаш да заврши со модрици, но секогаш има последици. „Беше болно љубоморен. Заради него не отидов на специјализација. Ми постави услов: или семејството или кариерата.“, вели Снежана. Тоа бил првичниот притисок да се избере меѓу личниот развој и „мирот дома“.

ОДЛОЖУВАЊЕТО НЕ ЗНАЧИ ПРИФАЌАЊЕ

Како и многу други жени, така и Снежана останува во тој брак не затоа што не препознава што се случува, туку затоа што кога си мајка одлуката за заминување не е само лична — таа е логистичка, финансиска, емотивна. „Мајка ми е почината, а татко ми поладен како родител уште од раното детство,“ признава таа. 

Таа празнина, емоционална и практична ја одложила одлуката за развод. „Можеби и поради смртта на мајка ми го одложив разводот многу години, бидејќи знаев дека ќе немам помош околу чување на децата бидејќи работам во три смени “, отворено зборува Снежана.

Од друга страна, недостигот на грижа од страна на нејзиниот татко во детството остава трага што лесно се прелева во брачниот однос. Кога не си научен што значи емоционална безбедност, лесно го прифаќаш отсуството на блискост како нешто нормално.

ПОДДРШКАТА НЕ МОРА ДА БИДЕ ГОЛЕМА, НО ВАЖНО Е ДА БИДЕ ВИСТИНСКА

„Почнав да станувам депресивна и со саати да гледам во една точка. Нагло слабеев — изгубив 20 килограми за многу краток период,“ вели таа. Психичкото насилство веќе го нарушило нејзиното здравје и идентитет. Одењето на психолог е пресвртна точка за Снежана, момент кога првпат проговорила за своите проблеми и почувствувала олеснување.

Кога конечно решила да се тргне од насилството, поддршката дошла од нејзините пријателки и колешки. „Уште во првите денови ми пратија садови за домаќинство и чаршави. Тоа беше доволно за да почнам од почеток,“ вели таа. Од фамилијата не добила значајна поддршка, но имала сопствен стан — и тоа било клучно. Имала каде да оди и каде да започне од почеток.

СТИГМАТА НЕ ЗАВРШУВА СО РАЗВОДОТ

Во малите средини, разводот сè уште се доживува како личен неуспех, а не како храброст. Жените кои се тргнале од насилство се соочуваат со нова форма на изолација — од пријателки, соседи, па дури и од институции. 

„Ми пречеше тоа што луѓето веднаш те гледаат со други очи,“ вели Снежана. „Ми требаше водоинсталатер, но не сакаше да дојде во мојот дом за да не си помисли мојот бивш сопруг нешто погрешно или станарите во зградата.“ 

Многумина ѝ сугерирале дека заради децата треба да го сочува бракот, што ја натерало да се чувствува уште потешко.

Во малите градови, вели таа, разводот е особено тежок за пребродување. „Сè уште се чувствувам неприфатено. Во теретаната каде почнав да одам и во кафетериите секогаш има лоши коментари и забелешки што прават да не се чувствувам убаво.“

Стигмата се проширила и во приватните односи — пријателка со која имала близок однос престанала да комуницира откако нејзиниот сопруг ѝ забележал дека не треба да се дружи со разведени жени. Ниту училиштето не обезбедило рамноправна комуникација откако таткото побарал од нив да го контактираат само него. 

НАЈГОЛЕМАТА БОЛКА Е ОДДАЛЕЧУВАЊЕТО ОД ДЕЦАТА

Снежана успеала да ја надмине депресијата со стручна помош, но нејзината борба продолжува. Насилството е зад неа, но она што и понатаму ѝ причинува најголема болка е оддалечувањето од децата. Во нивниот случај, таткото е старател, а иако договорот предвидува нејзина непречена комуникација со децата, таа не се остварува.

„Најмногу ме боли тоа што моите деца ме одминуваат и не сакаат да комуницираат со мене. Јас сум отуѓен родител,“ вели Снежана. „Ако беа помали, ќе ги носеа во центарот за социјална работа за да оствариме средби. Но сега, кога се поголеми, не постои механизам преку кој можам да ја воспоставам таа врска.“

Приказната на Снежана е потсетник дека овие битки не завршуваат со разводот. Нејзиното искуство покажува дека преживувањето не значи и целосно заздравување. Затоа е важно системот навремено и одговорно да реагира, да обезбеди механизми за комуникација, заштита и психолошка поддршка. „Луѓето треба да знаат дека насилството — психичко и физичко — не е филм за да го гледаат. Треба да се дејствува против него, бидејќи на секој може да му се случи,“ апелира Снежана.

  • Image
    веб

Хероина бр. 6

Славица е мајка на две деца и жена која со децении трпела семејно насилство — физичко, психичко и економско. Триесет и пет години живеела во брак во кој владееле контрола, понижување и страв. Работела, но немала пристап до сопствените пари. Секојдневието ѝ било борба — за достоинство, за мир, за опстанок.

И покрај длабоката траума, денес Славица живее слободно. Работи, се грижи за себе, чита, шета и им помага на други жени да го направат првиот чекор кон слободата. 

КОГА СТРАВОТ Е СЕКОЈДНЕВИЕ

„Кога ќе ја слушневме колата дека доаѓа, јас и децата легнувавме и се правевме дека спиеме. Само за да не го предизвикаме неговиот бес.“ Оваа навика не е прашање на избор — таа се создавала како инстинкт за преживување. Кога животот е обвиен со страв, телото и умот не бараат слобода, туку начин да го издржат тој страв. Славица со години живеела во состојба на хронична траума, каде што секој ден бил борба со невидливи закани, а секој миг — потенцијална опасност. Нејзиниот живот се сведувал на тишина. Да не предизвика. Да не се истакне. Да не биде причина за гнев. Секој ден бил стратегија — на невидливост, на воздржаност, на опстанок.

Но насилството не било само физичко. Нејзиниот тогашен сопруг го контролирал секој потрошен денар. „Никогаш немав пари во мене. Картичката секогаш беше кај него. Ако требаше да одам на лекар, ќе ми дадеше 200 денари ‘да ми се најдат’.“ Славица работела, но немала пристап до сопствената плата. За храна, за лекови, за да отиде на лекар — морала да бара пари. Финансиската контрола била постојана и длабоко понижувачка. „Често се запишував во продавница за да можам да зготвам ручек, а кога ќе ја платеше сметката со мојата плата, ми ја носеше дома – само за да ми покаже колку „многу трошам“.

ПРЕПОЗНАВАЊЕ

Еден ден, додека била на работа, во локалот се одржала работилница за семејно насилство од страна на невладина организација. Славица присуствувала на работилницата, и слушнала различни судбини. „Како да се препознав во нивните приказни.“, вели Славица

По завршувањето на работилницата започнала разговор со една од жените. Зборовите на жената за неа биле порака дека нешто мора да промени. „Животот е борба. Ние самите можеме да се избориме и никој друг наместо нас. Никој ништо не добива на тацна.“ Работилницата ѝ ги отвора очите. За првпат, Славица се препознава во туѓите приказни — во тишината, во стравот, во секојдневната борба што ја водела без збор. И тоа е моментот кога одлучува да замине. Со себе понесува само една торба алишта и ќерка ѝ. На почетокот се засолнува кај сестра ѝ.

Одлуката за развод сè уште не била конечна. Славица се двоумела дали разводот е решение. Верувала дека можеби тој ќе се промени, дека ќе си ги признае грешките. „Заради децата и семејниот бизнис што го имавме, повремено комунициравме. Понекогаш делуваше искрено, но бргу се враќаше на старото. Сфатив дека колку повеќе се трудам, толку повеќе пропаѓам во жив песок“.

Децата, во обид да зачуваат нешто свое, се вратиле да живеат во стариот дом. Но една вечер, таткото пијан, ги избркал и нив. Сред ноќ. „Тоа беше последната капка. Тогаш умре и мојата последна надеж дека ќе се промени.“ Ова е капката што ја прелила чашата, момент кога Славица престанува да бара оправдување, престанува да се надева, и конечно го признава насилството како нешто што нема да исчезне.„Овојпат не се поколебав. Поднесов тужба за развод.“

И ТИ МОЖЕШ

По поднесената тужба за развод, Славица добива психолошка, правна и емоционална поддршка од невладина организација. „Ме пречекаа со топлина и разбирање. Тоа беше првпат некој да ме слушне без да ме прекинува,“ вели таа.

Средбата со тимот и едноставното, но пресудно „ти можеш“ ѝ ја враќа вербата дека вреди да се бори — за себе, за своите права, за својот живот. Психолошката поддршка ѝ помага да ја врати самодовербата, а економската независност ѝ дава чувство на контрола. „За мене тоа е мир,“ вели Славица. „Да можам сама да одлучам што ќе купам, каде ќе одам — без да молам.“

НАЈУБАВО Е ДОМА

Сестра ѝ е првото прибежиште - сигурно, но привремено. Вистинското чувство на „дом“ доаѓа два месеци подоцна, кога Славица го изнајмува својот стан. Просторот е скромен, речиси празен, но нејзин. „Имав и страв и радост. Почувствував дека конечно дишам,“ вели Славица. „Кога ја донесовме првата завеса и го зготвивме првиот ручек, се почувствував дома, иако имавме само неколку работи.“

Тоа мало станче, со неколку парчиња мебел станува нејзин свет. Простор што сама го избрала, сама го уредила. Без туѓи правила, без страв. За првпат, Славица не мора да моли, да објаснува, да се правда. Секој предмет е нејзин избор. 

РАЗВОДОТ Е ПОЧЕТОК

Разводот не е крај. За Славица, тоа е почеток. Иако сè уште се соочува со судски процес за поделба на имотот, денес живее со мир во душата. „Плачев, но тоа беше поинаков плач — како да ја исфрлам целата тежина од себе,“ вели. 

Чувството на безбедност доаѓа постепено, низ секојдневни, едноставни ситуации. Кога купува нешто за себе без да се оправдува. Кога чита книга без да ја прекинуваат. Кога гледа филм и не се плаши од звукот на клучот во бравата. Кога пие кафе и тишината не е закана, туку спокој.  „Дом сега значи мир, тишина и сигурност. Место каде што можам да бидам тоа што сум.“

Денес, Славица е симбол на женска сила. Во контакт е со други жени кои минуваат низ слични искуства. Им дава надеж, зборува искрено, без патетика. „Им кажувам дека може и поинаку — затоа што јас сум жив доказ за тоа.“

  • Image
    GBV

Хероина бр. 7

По кратка врска и избрзан брак, 46-годишната Теа, со години се соочувала со психичко и физичко насилство од страна на сопругот. Насилството често се одвивало и пред трите деца, оставајќи сериозни последици врз нивното детство. И покрај бројните пречки, таа успева да најде сила да ја донесе наjважната одлука – да го напушти домот и да започне постапка за развод. Со помош од националната мрежа за заштита на жени жртви, психолози и адвокати, таа ја гради својата нова иднина. Денес е горда мајка, економски независна и професионално исполнета. Нејзината порака до жените е јасна: „Не чекајте – секој ден во тишина е нова лузна.“

ПСИХОЛОШКИОТ ТОВАР НА ПРЕДРАСУДИТЕ

Приказната на Теа е огледало на многу жени кои, под притисокот на околината и предрасудите, носат одлуки што подоцна им нанесуваат голема болка. Притисокот да се омажи „на време“ и стравот дека децата мора да имаат татко по секоја цена ја држеле заробена во брак што ја измачувал физички, психички и емоционално. 

„Тони почна да пие редовно. Многу алкохол секогаш значеше многу кавги и насилство. На почетокот тоа се случуваше доцна навечер, кога бевме сами, но подоцна и пред децата,“ сведочи таа.

За Теа, изолацијата станала нова форма на преживување. „Моите најблиски роднини и другарки мораа да бидат подалеку од мене затоа што Тони им се закануваше. Срам ми беше од пријателите,“ вели Теа. Заканите не само што ја држеле во страв, туку ја оддалечувале и од најблиските.

БРЕМЕНОСТА НЕ Е РЕШЕНИЕ

Бременоста често се доживува како последна надеж за спас на бракот, како симбол на нов почеток и можност за промена. Но сведоштвото на Теа ја разобличува суровата реалност: детето не е гаранција за прекин на насилството. „Останав бремена со третото дете. Бременоста беше непланирана, но не и непосакувана. Тоа беше мојата последна надеж дека нешто ќе се смени. Но уште пред да се роди бебето живеев во пекол. Во деветтиот месец, пијан и нервозен, мојот маж ме влечеше за коса низ куќата. Тогаш собрав сила и избегав,“ раскажува таа.

Наместо заштита, институциите ја вратиле назад во опасност: „Каде ќе одиш бе жено со толкав стомак, оди врати си се кај децата и маж ти“ – тоа биле насоките од полициската станица. Сама, со братот како единствена поддршка, по 48 часа го раѓа третото дете. По раѓањето, повторно се враќа во домот на насилниот сопруг, свесна дека тоа е почетокот на крајот.

КОГА ТАТКОТО Е ЗАКАНА, А НЕ ЗАШТИТА

Теа останува во насилниот брак уште три години, заробена меѓу стравот и социјалниот притисок, со мислата „имам три деца и не сакам тие да растат без татко“.

Но присуството на татко кој е синоним за насилство не носи заштита, туку закана. Во таква средина, мислата „да не растат без татко“ станува опасна заблуда што остава најдлабоки траги врз децата. Кај најстариот син на Теа, последиците се одразиле во училиште преку деструктивно и агресивно однесување. „На преглед му препишаа таблети за смирување кои се даваат на шизофреничари,“ сведочи таа, откривајќи ја тежината на траумата што ја носело детето. По препишувањето на терапијата, со најдобра намера психијатарот ѝ го дава и следниов совет: „Состојбата на детето нема да се подобри ако не се смени средината во која расте и живее.“ Зборовите ја освестуваат Теа, ја погодуваат како мајка и ја принудуваат да ја согледа болната вистина. Во тој миг – миг исполнет со болка, но и со решителност – таа решава да ја започне постапката за развод.

ЧОВЕЧКА ПОДДРШКА ЗАД ПРАВНАТА БОРБА

Од самиот почеток најголема поддршка добива од националната мрежа за заштита на жени жртви, која ѝ обезбедува психолошка помош за неа и подоцна за нејзините деца, како и постојана придружба од социјален работник на секоја средба во Центарот за социјална работа, со цел да ги штити нејзините интереси и да ја охрабрува. Дополнително, од мрежата ѝ е доделен грант за започнување сопствен бизнис. Во правните постапки првично ја застапува пријателка со минимален надомест, но поради закани и уцени таа се повлекува, по што адвокатот Ј.М. безрезервно и без никаков надомест го презема нејзиниот случај – не само за разводот, туку и за сите кривични постапки кои се поведуваат и сè уште траат. Неговата упорност и присуство на секое рочиште се доказ дека вистинската поддршка не е само правна, туку и човечка. „На ниедно рочиште не ме остави сама – тоа ми даде сила да истраам,“ вели Теа.

СТАРАТЕЛСТВОТО И ФИНАНСИСКАТА БОРБА

Добивањето на старателството врз децата не претставува промена во секојдневната семејна динамика – Теа и претходно сама се грижела за нив, додека таткото бил отсутен и незаинтересиран. Но правната потврда носи нова сигурност: институционално признание дека децата растат со еден родител кој е присутен, одговорен и посветен. За неа тоа е симбол на стабилност и заштита, особено по долгата и исцрпувачка борба низ институциите.

Финансиската независност станува вториот столб на нејзината нова реалност. Со поддршка од семејството и националната мрежа, Теа добива можност да започне сопствен бизнис и да обезбеди стабилна работа како образовен асистент. Таа не се потпира на бившиот сопруг – ја гради својата иднина самостојно, со сила и поддршка од заедницата. „Обврските кон децата отсекогаш беа моја должност, а трошоците моја одговорност. Денес ги носам со гордост и независност,“ истакнува Теа.

 

Приказната на Теа е сведоштво дека патот од насилство кон слобода е долг, тежок и исполнет со пречки, но и дека е можен. Таа покажува дека институционалната поддршка е важна, но дека вистинската сила лежи во храброста на жената да ја донесе најтешката одлука и да истрае. Денес Теа е симбол на отпор и надеж – мајка која успеала да обезбеди мирна и сигурна средина за своите деца, економски независна жена која ја гради својата иднина со достоинство. Нејзината порака до жените останува силна и недвосмислена: „Твојата иднина зависи само од тебе.“