20-ти состанок на Поткомитетот за Спогодбата за стабилизација и асоцијација со Северна Македонија за правда, слобода и безбедност

20-тиот состанок на Поткомитетот за стабилизација и асоцијација за правда, слобода и безбедност со Северна Македонија се одржа во Скопје на 12 и 13 март 2026 година. Копретседавачи на состанокот за Северна Македонија беа г-ѓа Ева Илиевска, раководителка на Секторот за интеграција и преговори во ЕУ во Министерството за внатрешни работи и г-ѓа Бојана Босилкова, вршител на должноста раководителка на Одделот за ЕУ во Министерство за правда, а за Европската комисија г-ѓа Сигрид Бретел, раководителка на одделението за Албанија и Северна Македонија при Генералниот директорат за проширување и источно соседство. Поткомитетот ги разгледа случувањата во областите опфатени со поглавјата 23 (Судство и темелни права) и 24 (Правда, слобода и безбедност).

Повикувајќи се на оценката дадена во годишниот извештај за 2025 година, Комисијата ги повика властите на Северна Македонија да вложат постојани напори за да обезбедат независност, професионалност, транспарентност и непристрасност на судството. Комисијата изрази загриженост во врска со случаите на надворешен и политички притисок врз судството. Комисијата нагласи дека Судскиот совет е составен дел од независното судство. Комисијата изрази загриженост во врска со постапката за разрешување на поранешниот државен обвинител, што доведе до негова оставка, особено во однос на обезбедувањето задоволително ниво заштитни мерки против политизација.

Властите на Северна Македонија го претставија напредокот во спроведувањето на Развојната стратегија за реформа во правосудството за 2024-2028 година и општата состојба во ревидирањето на законодавството со донесување на нов Закон за Судскиот совет и работата на законите за судовите, за Јавното обвинителство и за Советот на јавни обвинители.

Комисијата ја повтори потребата од зголемување на напорите во сузбивањето на корупцијата, вклучително и преку распределување доволно човечки и финансиски ресурси, за градење солидна пракса во борбата против корупцијата на високо ниво. Властите на Северна Македонија го претставија својот напредок во спроведувањето на Стратегијата за спречување на корупцијата и судирот на интереси и подготвителната работа во изготвувањето на новата Стратегија од 2026 до 2030 година. Властите, исто така, потврдија дека во подготовка се нов Кривичен законик и нов Закон за кривична постапка. Комисијата нагласи дека ова е клучен чекор од Реформската агенда во контекст на Инструментот за реформи и раст и потврди дека е подготвена да обезбеди техничка експертиза.

Во однос на темелните права, Комисијата уште еднаш ги повика властите драстично да ги подобрат условите во затворите во согласност со препораките од Комитетот за спречување на тортура и препораките од Комитетот на ОН против тортура и да продолжат со соработката со Комитетот. Властите ги споделија најновите информации за спроведувањето на Законот за медиуми, по вклучувањето на онлајн медиумите во законодавството. Комисијата повика да се донесе конкретно законодавство за стратешки тужби против учество на јавноста (СЛАП-тужби, анг. SLAPPs). Комисијата даде поддршка за распределување доволно специјализиран кадар и финансиски средства за Народниот правобранител и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, овозможувајќи им на овие две институции да ги остварат целосно своите надлежности. Комисијата ја нагласи потребата од понатамошно усогласување на законодавството со законодавството на ЕУ во однос на слободата на изразување, недискриминацијата, родовата рамноправност и политиките за борба против родово базирано насилство, како и потребата да се обезбеди достапност и пристап до специјализирани услуги за поддршка за жртвите.

Во однос на борбата против сериозниот и организираниот криминал, Комисијата ги покани властите во Северна Македонија дополнително да ја зајакнат соработката со земјите-членки и агенциите на ЕУ. Од Северна Македонија се очекува дополнително да ја усогласи својата правна и стратешка рамка со законодавството на ЕУ во оваа област. Потребни се дополнителни напори за зајакнување на административните и оперативните капацитети за ефективна борба против сериозниот и организираниот криминал. Комисијата ја охрабри Северна Македонија да продолжи со напредокот во воспоставувањето солидна утврдена пракса на истраги, гонења и пресуди.

Во врска со соработката во областа на дрогата, Комисијата ја истакна потребата од постигнување брз напредок во потпишувањето на работниот договор со Агенцијата на ЕУ за дрога. Северна Македонија треба да продолжи со напорите целосно да ја операционализира Националната опсерваторија за дрога и да воспостави Национален систем за рано предупредување. Во врска со спречувањето и борбата против тероризмот, Комисијата го поздрави напредокот постигнат во подготовката на национален патоказ и акциски план за спроведување на новиот Заеднички акциски план за борба против тероризмот за Западен Балкан.

Во однос на миграцијата и управувањето со границите, Комисијата го поздрави континуираното спроведување на Акцискиот план на ЕУ за Западен Балкан. Северна Македонија треба да продолжи да го подобрува управувањето со легалната и нерегуларната миграција, но исто така и во справувањето со криумчарењето мигранти. Приоритет треба да се даде на подготовката на Шенгенски акциски план со цел подготовка за спроведување на Шенгенското законодавство по пристапувањето.