Пченични сламки – мал, но значаен чекор на патот кон циркуларна економија

ЗИП Институтот го комбинира еколошкото дејствување со наоѓање практични решенија од областа на циркуларната економија. Организацијата работи и на поттикнување на граѓаните да се вклучат во носењето политички одлуки, но една од нејзините највидливи тековни иницијативи е претворањето на земјоделскиот отпад во одржлив производ за секојдневна употреба. 

 

Со поддршка од ЕУ, ЗИП Институтот произведува 100% биоразградливи сламки за пиење од земјоделски отпад од пченица. Суровините - стебленца од пченица - ги набавува од локален партнер по што тие се дезинфицираат и печат во специјализирана печка, без употреба на хемиски додатоци. Претворајќи го отпадот во производ, иницијативата нуди еколошка алтернатива на стандардните пластични сламки, создадена од материјал што инаку би останал неискористен.

Основан во 2012 година, ЗИП Институтот работи на темите демократија, рурален развој, енергетска сиромаштија и заштита на животната средина. Заедно со овие пошироки активности, иницијативата за пченични сламки го отсликува практичниот пристап на организацијата кон справување со загадувањето и отпадот преку локални, прилагодливи решенија. ЗИП Институтот очекува производството да се зголеми на 2 до 3 милиони сламки месечно кога производствениот капацитет целосно ќе биде ставен во функција. „Благодарение на поддршката од проектот финансиран од ЕУ, со која беше финансирана печката, производствениот процес може да започне со полн капацитет. Со локалното производство сакаме да ги намалиме производствените трошоци и на рестораните да им понудиме еколошки прифатлива алтернатива по достапна и фер цена,“ вели Ивана Симјаноска од ЗИП Институтот.

Иницијативата е поддржана преку проектот „Граѓанско општество и млади за инклузивен и одржлив развој преку циркуларна економија во Северна Македонија“, кој го спроведува организацијата „Луѓе во потреба“ (People in Need), во соработка со АРНО, ЛЕАД и Ековита. Целта е да се поддржи транзицијата на Северна Македонија од линерна во циркуларна економија преку намалување на количината на отпад, користење на отпадот како ресурс и промовирање на рециклирање, повторна употреба и натамошно искористување на отпадот.