Заеднички градиме отпорност: студиските посети во ЕУ го зајакнуваат одговорот на Северна Македонија кон дезинформациите

На каков начин земјите од ЕУ ги штитат демократските процеси од дезинформации и странско вмешување? И какви поуки може да извлече Северна Македонија во осмислувањето на сопствениот одговор кон странското мешање и манипулација со информациите (СММИ, анг. FIMI)?

 

Ова беа дел од прашањата што ја одведоа делегацијата составена од новинари, уредници, проверувачи на факти, медиумски експерти и претставници на институциите од Северна Македонија во Стокхолм, на студиска посета организирана од Делегацијата на Европската Унија и Македонскиот институт за медиуми (МИМ) во рамките на проектот „Градење синергии против дезинформациите, вклучително и за политиките и активностите на ЕУ“. Проектот отпочна како одговор на сѐ поголемата загриженост поради дезинформациите и злонамерното (малициозно) информациско влијание во земјата.

Учесниците имаа можност од прва рака да видат како Шведска пристапува кон заштитата на демократските процеси, како се справува со дезинформациите и странското мешање и како ја зајакнува отпорноста на општеството кон информациските манипулации.

Остварија средби со претставници на Шведската агенција за психолошка одбрана, „Интенешнал ИДЕА“ (анг. International IDEA), Шведскиот институт, Министерството за надворешни работи на Шведска и Парламентот на Шведска (Риксдаг). Во фокусот на дискусиите беа изборниот интегритет, стратешката комуникација, медиумската и информациската писменост, јавната дипломатија, како и механизмите за откривање и одговор на дезинформациите и странската манипулација со информациите. Посетата исто така отвори можности за вмрежување и идна соработка меѓу експертите од Северна Македонија и Шведска.

Стокхолм беше најскорешното поглавје од едно многу подолго патување. Од 2022 до 2026 година, во рамките на истиот проект беа организирани уште пет студиски посети - на Брисел, Виена и Варшава.

Секоја дестинација нуди различен дел од сложувалката.

Во текот на трите посети на Брисел, учесниците разговараа со претставници на ЕЕАС (анг. EEAS), Европскиот парламент и Европската комисија за политиките на ЕУ во однос на дезинформациите, СММИ, слободата на медиумите, дигиталните услуги, демократското управување и проширувањето.

Во Виена, фокусот се префрли на улогата на меѓународните организации и медиумските институции во штитењето на слободата на медиумите и одговорот кон информациските закани преку состаноци со ОБСЕ, Меѓународниот институт за печат, дипломатските мисии и јавниот радиодифузен сервис на Австрија ОРФ (ORF).

Варшава понуди трета перспектива. Таму, учесниците учеа од искуството на Полска во зајакнувањето на отпорноста на медиумите и спротивставувањето на влијанието на странските информации преку интеракција со експерти за политики, истражувачи, тинк-тенкови и стручни лица од медиумската фела.

Сепак, вредноста на програмата ги надминува поединечните посети. Во текот на четирите години, програмата помогна да се оформи мрежа од стручни лица посветени на создавање јавен дискурс заснован на факти и на демократски вредности. Учесниците се вратија со нови контакти, практични знаења и подобар увид во различните модели осмислени од ЕУ за справување со информациските закани.

Логичниот заклучок е дека студиската програма не само што ги зајакна капацитетите на клучните чинители во Северна Македонија за разбирање и справување со дезинформациите и СММИ, туку доведе и до создавање партнерства и врски што можат да продолжат долго по завршувањето на самиот проект.

Но патувањето не завршува со Стокхолм.

Делегацијата на ЕУ ќе продолжи да ги носи најдобрите модели од ЕУ и постојните институционални одговори на земјите-членки на ЕУ во Северна Македонија, со цел да се зајакнат капацитетите на земјата во борбата против СММИ и да се поткрепи процесот на нејзината евроинтеграција.