Генералниот директор во ЕК за соседски политики и проширување ја посети Северна Македонија

29.11.2019

Во текот на посетата (28-29 ноември), Кристијан Даниелсон се сретна со претставници на владата, опозицијата и граѓанското општествo

 

На средбите, генералниот директор во Европската комисија за соседски политики и проширување Кристијан Даниелсон ја потврди посветеноста кон европската перспектива на Северна Македонија и повтори дека интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ останува важна стратешка политика, од заемен интерес. Посочи дека ЕУ ќе се наврати на ова прашање пред самитот ЕУ - Западен Балкан во Загреб во мај 2020 година.

Тој и’ оддаде признание на Северна Македонија за огромните напори да пристапи, со вклучување на сите чинители, кон спроведување на реформите потребни за напредок на патот кон ЕУ и кои имаат за цел да ја трансформираат земјата и да им донесат конкретни придобивки на граѓаните. Побара овие напори да продолжат, и од страна на владата и од опозицијата, бидејќи граѓаните очекуваат решително спроведување на реформската агенда.

Во врска со владеењето на правото, тој ја истакна важноста да се обезбеди одговорност за сите криминални дела и да продолжи цврстата акција за борба против корупцијата и неказнивоста. Ја нагласи потребата да се усвои новиот закон за јавното обвинителство, кој вклучува интегрирање на канцеларијата на Специјалниот јавен обвинител во Јавното Обвинителство, како и да се утврди правна одговорност за кривичните дела кои произлегуваат од/се поврзани со прислушуваните разговори на сите инволвирани лица, без оглед на нивните позиции.

Што се однесува до работата на судството, тој препорача употреба и зајакнување на постојните мерки како утврдување на имотна состојба или дисциплински механизми.

Ги поздрави значајните напори на владата за градење доверба и за зајакнување на добрососедските односи. Повтори дека Договорот од Преспа претставуваше голем чекор напред и пример за регионот кој, заедно со билатералниот договор со Бугарија, треба да продолжи да се спроведува.

Даниелсон повтори дека Комисијата ќе продолжи да ги поддржува граѓаните на Северна Македонија и земјата на нејзиниот пат кон ЕУ.