Делегацијата на ЕУ поддржува ТВ програма која го прави останувањето дома полесно – и инспиративно

06.04.2020

Амбасадорот Самуел Жбогар даде свој придонес во ТВ емисијата „Астрорум“ со лично интервју, во кое зборува за книгите, хобијата, спомените, вредностите... Неодминливо се осврна на предизвиците кои кризата со корона вирусот им ги наметна на светот и на поединецот, но и на лекциите кои може да се извлечат од ситуацијава и да помогнат планетава да стане подобро место.

 

Во време кога останувањето дома и одржувањето социјална дистанца е глобален императив за спречување на ширењето на ковид 19, Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија го поддржа производството на серија онлајн интервјуа со познати личности од светот на културата. Гостите добиваат простор да ги споделат нивните размислувања за вредноста на литературата и уметноста воопшто, тема која не е толку честа во медиумите во ова време, но е од огромна важност во досега невидена ситуација како сегашнава, кога книгите и креативноста може да ни помогнат да ја претвориме самоизолацијата во корисно искуство.

Амбасадорот Самуел Жбогар гостуваше во втората епизода со интервју кое низ насмевка го опиша како најтешко досега, бидејќи се разликува од политичките интервјуа кои вообичаено ги дава.

Доколку, освен за важноста што ЕУ и' ја придава на културата, сакате да дознаете која книга амбасадорот ја чита во моментов (и на тој начин добиете инспирација), како се справува со работните обврски од дома, кои се луѓето кои најмногу влијаеле на него, кои ќе бидат спомените од земјава кои ќе ги понесе со себе, кои се неговите придобивки од престојот во природа, колкава е вредноста на поддршката од семејството и, конечно, како може себепромислувањето да биде корисно, погледнете го видеото. 

 

Remote video URL