Делегацијата на ЕУ се приклучи кон светската кампања против насилството врз жени

25.11.2020

Делегацијата и други институции и знаменитости во Скопје светнаа во портокалово на 25 ноември, испраќајќи симболичка порака за иднина без насилство.

 

Традиционалната кампања на Обединетите нации по повод Меѓународниот ден за елиминирање на насилството врз жени годинава започна во услови кога пристигнуваат извештаи за зголемено семејно насилство за време на пандемијата со ковид-19. Како ситуацијата да не беше доволно алармантна пред воведувањето на карантинските мерки: секоја трета жена во Европа доживеала физичко и/или сексуално насилство, кое во голема мера не било пријавено. Во огромен дел од светот, мерките за безбедност и заштита на жртвите се ограничени. Законодавството за насилство против жени и натаму е недоволно.

Според податоци на ОН, 45% од испитаните жени и девојчиња во Северна Македонија изјавиле дека доживеале некаков облик на насилство.

 

Outside building

 

Една од целите на кампањата е да нагласи дека обемот и вистинската природа на овој проблем често остануваат прикриени. И да повика на акција, бидејќи, како што рече во неговата видео порака амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија Дејвид Гир, „насилството против жените е насилство против сите“.

 

https://twitter.com/AmbassadorEU/status/1331658759089877002

 

Почетокот на годинашната кампања се совпадна со уште еден важен чекор од страна на ЕУ за справување со овој проблем – претставувањето на новиот Акциски план за родови прашања, амбициозна агенда на ЕУ за родова еднаквост и за оснажнување на жените во нејзиното надворешно дејствување.

„Промената е можна, но потребни се акција, посветеност и одлучност. ЕУ е посветена и натаму да работи неуморно со своите партнери на истражување и казнување на сите акти на насилство и на обезбедување поддршка за жртвите, а во истовреме да работи и на причините за проблемот и да ја зајакнува правната рамка. Преку нашата Спотлајт иницијатива веќе се бориме против насилството врз жени и девојчиња во 26 земји ширум светот. Ги повикуваме земјите-членки да ја ратификуваат Истанбулската конвенција – прв правно обврзувачки инструмент на меѓународно ниво за борба против насилство врз жените и семејно насилство. Нашата цел е јасна: да се стави крај на сите облици на насилство врз жени и девојчиња. Тоа им го должиме на жртвите“, се вели во заедничката изјава на Европската комисија и на високиот претставник Жозеп Борел по повод Меѓународниот ден за елиминирање на насилството врз жени.