Досадата преточена во уметност: Изложба инспирирана од изолацијата во време на пандемија
Досадата се истражува како повод за размислување, интроспекција и преиспитување и како можност фрустрацијата да се надмине преку креативност.
Уметнички дела на Петар Хаџи Бошков, Маргарита Киселичка, Сашо Саздовски, Гоце Наневски, Моника Мотеска, Филип Велковски, Јасмина Главинче, Игор Таневски, Давид Атанасовски, Антонио Пиркоски и Александар Ефтимовски се дел од изложбата „Уметноста на досадата“, која на 19 март беше отворена во дворот на резиденцијата на ЕУ во Скопје.
Со помош на галеријата Акантус и студиото Витру, Делегацијата на ЕУ постави на едно место дела од локални автори од различни генерации – од доајени на современата уметност со докажано мајсторство, преку познати уметници од средната генерација, до млади уметници школувани низ призмата на актуелната уметност. Тие претставуваат различни одговори на темата на досадата, но и збирка од квалитетни уменички дела.
„Ова го замисливме како разиграно претставување на креативноста во време на пандемија. Воедно и како начин да се поддржат локалните уметници, нешто што за време на пандемијата стана поважно од кога било порано“, рече амбасадорот Гир, отворајќи ја изложбата во присуство на претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски и на министерката за култура Ирена Стефоска.
https://twitter.com/AmbassadorEU/status/1372926601965547523
Претседателот Пендаровски му се заблагодари на амбасадорот Гир за организацијата на изложбата, како оригинален начин на поддршка и промоција на македонските уметници.
https://twitter.com/SPendarovski/status/1372900831998136323
Изложбата е отворена за јавноста до 31 мај 2021 година. Резервирајте термин за посета со бесплатен билет на оваа платформа: https://www.eventbrite.com/e/art-of-boredom-tickets-146369080861. За време на посетата ќе се почитуваат сите мерки за заштита на ковид-19. Сите изложени дела се на продажба.