ЕК усвои предлози за зајакнување на процесот на пристапување: Проширувањето кон Западен Балкан е врвен приоритет
Процесот на пристапување кон ЕУ да биде поверодостоен, со поцврсто политичко управување, подинамичен и предвидлив – ова се целите на предлозите што Европската комисија ги усвои на 5 февруари во врска со процесот на пристапни преговори.
Претставувајќи ги предлозите, комесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји изјави дека проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан е врвен приоритет за Комисијата.
„Работиме на три патеки. Прво, денеска предлагаме конкретни чекори за зацврстување на пристапниот процес. Додека го зајакнуваме и подобруваме процесот, целта останува пристапување и полноправно членство во ЕУ. Второ, и паралелно со првото, Комисијата стои цврсто на своите препораки за отворање пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија и наскоро ќе излезе со нов извештај за напредокот што го постигнале двете земји. Трето, во текот на подготовките за самитот ЕУ – Западен Балкан во Загреб во мај, Комисијата ќе претстави план за развој на економијата и инвестициите во регионот“, рече комесарот.
Документите за печатот се достапни овде https://ec.europa.eu/commission/presscorner/detail/en/ip_20_181