ИДАХОТ 2022: Кревање глас против неправдата, нееднаквоста и предрасудите, но и славење на постигнувањата
На 17 мај, преставници на меѓународната заедница, првата дама Елизабета Ѓорѓиевска, на Собранието, граѓанското општество, активисти за човекови права и на медумите се собраа во резиденцијата на ЕУ во Скопје за да го одбележат ИДАХОТ – со дебата за тоа како да се унапредат и заштитат правата на лезбејките, геј, бисексуалните, трансродовите, интерсексуалните и квир (ЛГБТИК) лицата во Северна Македонија.
Отворајќи ја дебатата, амбасадорот Дејвид Гир потсети дека ЕУ, меѓу другото, е унија на вредности, од кои главна е почитувањето на принципот на еднаквост и недискриминација. Овој принцип е вграден во договорите на ЕУ, како и во Повелбата на ЕУ за основни права – прв меѓународен документ за човекови права кој експлицитно забранува дискриминација врз основа на сексуална ориентација. „Има напредок во Северна Македонија, но уште многу треба да се направи. Општествените предрасуди, говорот на омраза, криминалот од омраза, дискриминацијата и нетолеранцијата кон ЛГБТИК лицата продолжуваат, а случаите на закани и конкретно насилство, вклучувајќи го и неодамнешниот напад врз активистот Беким Асани, се’ уште чекаат соодветна завршница. Предлог-законот за правно признавање на родот беше повлечен од Собранието, и покрај пресудите на Европскиот суд за човекови права по ова прашање“, рече амбасадорот на ЕУ.
Сепак, нагласи Гир, ова не е момент за песимизам – изминатите 50 години покажаа дека вистинска промена е можна. „Тоа бара енергија, храброст и решителност. И тоа е работа за повеќе чинители: активисти, новинари, судии, пратеници, за националните и меѓународните партнери“, рече тој.
https://twitter.com/AmbassadorEU/status/1526846267627798528
Амбасадорката на САД Кејт Мери Брнз изјави дека САД се меѓу светските лидери во унапредување на правата на ЛГБТИК поединците и оти им е чест што заедно со партнерите во Северна Македонија и ЕУ работат на проширување на можностите, како и на минимизирање и елиминирање на вознемирувањето и предрасудите. „Верувам дека недвосмислената посветеност на основните човекови права, самоопределувањето и вклучувањето на ЛГБТИК луѓето може да биде дел од важната работа што претстои“, рече амбасадорката Брнз.
Според првата дамa Ѓорѓиевска, потребна е заедничка работа за унапредување на правата на секоја заедница, особено кога станува збор за ранливите заедници. „Еднаквоста во уживањето на основните права, пристапот до правда, социјална и здравствена заштита, еднаквите можности за образование и вработување се потребни со цел секој член на нашата заедница, без разлика на сексуалната ориентација и родовиот идентитет, да има предвидлива и стабилна иднина“.
На настанот, Коалицијата Маргини претстави резултати од свое истражување: интервјуираните ЛГБТИК лица посочиле на стигматизирачки описи на ЛГБТИК во јавниот дискурс како дел од главните извори на опресија и нееднаквост.
Во декларацијата објавена по повод ИДАХОТ во име на ЕУ, високиот претставник-потпретседател Жозеп Борел забележа дека и покрај напредокот остварен во светски рамки во последните десет години, продолжува дискриминацијата и маргинализацијата врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет. Воедно, има и загрижувачко уназадување на правата на ЛГБТИ лицата, вклучително и во контекст на руската агресија врз Украина. Мора да настојуваме да градиме мирни, инклузивни општества, во кои секој ќе се развива и ќе се чувствува безбедно, се вели во декларацијата.