Интервју на амбасадорот Жбогар за ТВ 24: Надеж за позитивна одлука на Советот во март, на Северна Македонија и’ треба единство и работа да го положи тестот на новата методологија

04.03.2020
Remote video URL

Во разговор со ТВ 24, еден ден откако Европската комисија го објави ажурираниот извештај за напредокот на Северна Македонија и Албанија, амбасадорот Самуел Жбогар вели дека документот утврди натамошен напредок во спроведувањето на реформите во земјата и оти земјите-членки треба да ја усвојат новата методологија за проширување во следните недели, кога воедно треба да одлучат за отворање пристапни преговори со двете земји. Жбогар се воздржува од оптимизам, но смета дека овој пат „ѕвездите се местат“. „Се надевам на позитивен резултат. Сметам дека не може да си дозволиме уште еден состанок на Советот без одлука“. Во интервјуто, амбасадорот ги објаснува и можностите што новата методологија ги создава за земјите кои ќе почнат да преговараат под услов институциите да бидат на висина на задачата и да постои единство околу ЕУ-агендата. Владата што ќе се формира по предвремените избори на 12 април ќе треба да направи се’ што е во нејзина моќ за да ги седне сите чинители на маса, со цел процесот да биде што е можно поефикасен. Северна Македонија ќе биде првата земја на која ќе се примени методологијата – Жбогар нагласува дека земјата треба да го положи тестот; во спротивно, може да се појават дилеми во ЕУ околу вкупниот процес на проширување.