На 8 март, Делегацијата на ЕУ додели за првпат награда за европска жена на годината
Пет исклучителни жени - кои постигнуваат значајни резултати во различни сфери од животот и притоа го инспирираат секој поединец во општеството – беа номинирани од #Тимот Европа во Северна Македонија за наградата „Европска жена на годината“ за 2022-та.
Маја Мојсова Мијовска, национална координаторка за трансплантација, Илина Арсова, алпинистка, Дина Дума, филмска режисерка и писателка, Дита Старова Ќерими, директорка на Националната галерија и Наталија Бургиева, основачка на компанијата MaMa Organa, беа предложени од амбасадорките на Хрватска - Нивес Тигањ, Германија - Анке Холштајн, Романија – Моника Аксинте, Шведска - Кристен Форсгрен Бенгтсон, како и од амбасадорот на ЕУ Дејвид Гир.
„Меѓународниот ден на жената го одбележуваме оддавајќи им признание на пет извонредни жени, кои покажаа дека само небото е граница кога станува збор за следење на сопствените соништа и за работењето за општо добро. Нивните приказни инспирираат. Разбиваат предрасуди. Докажуваат дека родот нема врска со способноста. Или дека капацитетот и посветеноста немаат род“, рече амбасадорот Гир на настанот, на кој присуствуваше и првата дама Елизабета Ѓорѓиевска.
Илина Арсова – планинарка, активистка за животна средина, борец за женски права и уметница – беше избрана за европска жена на годината, врз основа на разултатите од гласањето кое се одвиваше на Фејсбук неделата пред настанот. Во видео-обраќање на церемонијата, таа рече дека сите номинирани жени пишуваат историја во различни области. „Кршењето мраз воопшто не е лесно, но на крај навистина се исплатува. Ниеден сон не е недостижен и ниедна цел не е невозможна“, им порача Арсова на сите жени и девојки.
https://twitter.com/AmbassadorEU/status/1501289617621807104?cxt=HHwWgMCjtf-809UpAAAA
Наградата на Делегацијата за „Европска жена на годината“ – која ја дополнува наградата „Европеец на годината“ што Делегацијата во воведе во 2019 година – има за цел да ја подигне свеста за пречките за родовата еднаквост, притоа оддавајќи им признание на жените кои даваат пример што се следи и кои придонесуваат за порамноправен свет.