Нова изложба во резиденцијата на ЕУ, овојпат за целите на Европскиот зелен договор

11.03.2022

Уништувајќи го биодиверзитетот, човештвото ја „топи библиотеката на животот“. Преку свои дела, неколкумина уметници алармираат на оваа опасност. И повикуваат на итна акција од сите нас. Пред да биде предоцна.

 

Откако минатата година беше домаќин на две изложби инспирирани од пандемијата, кои се занимаваа со претворањето на досадата во креативност и со уметноста како „бегство“ од реалноста, резиденцијата на ЕУ е место на нова поставка.

Изложбата, која на 10 март ја отворија амбасадорот Дејвид Гир и првата дама Елизабета Ѓоргиевска, е дел од кампањата на Делегацијата на ЕУ за промовирање на целите – и на можностите – на Европскиот зелен договор. Зелениот договор е за тоа како да живееме, произведуваме и да ги задоволуваме своите потреби со минимални последици по планетата и нејзините ресурси. За тоа како да се справиме со последиците од климатските промени, како да го зачуваме биодиверзитетот и како да го направиме развојот одржлив.

 

https://twitter.com/AmbassadorEU/status/1501948392854863880?cxt=HHwWkICqseGG_9cpAAAA

 

Делата на уметниците Вана Урошевиќ, Зоран Тодовиќ, Велимир Жерновски, Маја Кировска, Ненад Тонкин и Озбек Ајваз, избрани од скопската галерија Акантус, обработуваат различни аспекти. Како, на пример, рециклирањето - не само како начин за зачувување на ресурсите, туку и за стимулирање на креативноста, нашата нераскинлива зависност од природата, и нејзината исцелувачка моќ.

Овие дела ќе послужат како мотив за размислување за дебатите кои Делегацијата на ЕУ ќе ги организира во следниве месеци. Со учество на деца, студенти, претставници на граѓанското општество, властите и академската заедница, работилниците ќе бидат форум за расправа за најважните прашања поврзани со Зелениот договор во Северна Македонија – една од најранливите земји во Европа во однос на климатските промени – и за можните решенија.

Изложбата ќе биде отворена за јавноста до 20 мај 2022 година. Резервирајте термин за посета и бесплатни билети на Фејсбук страницата „ЕУ за Култура“ https://www.facebook.com/euzakultura