Претседателот на Европскиот совет Мишел: Иднината и судбината на Северна Македонија се европски
За време на неговата прва посета на Северна Македонија, која ја оствари неколку недели по преземањето на должноста, претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел испрати, како што рече, ’амбициозна прва порака’: иднината и судбината на Северна Македонија се европски и Советот треба да продолжи со расправа за тоа како да напредува кон остварување на таа цел.
На заедничка прес-конференција со претседателот Стево Пендаровски, Мишел најави дека ќе му предложи на Советот да усвои стратегија за регионот заснована на три столба.
Првиот столб е реформа и модернизирање на процесот на проширување. ’Неколку европски земји сметаат дека е важно на овој процес да му се дадат поголемо политичко лидерство и поопипливи резултати’, рече претседателот на Советот.
Вториот е започнување преговори со Северна Македонија и Албанија. ’Овде би сакал да нагласам дека сум свесен за сите напори што беа направени, за важните реформи што беа спроведени. Реформскиот процес мора да се одржи во следните недели и месеци, треба да продолжи спроведувањето посебно на Договорот од Преспа и спогодбата за пријателство со Бугарија. Потполно сум свесен дека прашањата кои се дел од ова се екстремно важни и екстремно чувствителни, но и дека може да има придвижување во однос на нив’.
Третата точка е постигнување договор во ЕУ за план за инвестиции и раст на Западен Балкан. ’Сметам дека е многу важно да можеме, истовремено со овие структурни реформи вo сферите на владеењето на правото, борбата против корупцијата и криминалот, да работиме и на краткорочни, среднорочни и долгорочни инвестициски планови’, рече Мишел.
Претставникот на ЕУ имаше средби и со техничкиот премиер Оливер Спасовски, како и со лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски.
’Пораката што ја сакав да ја испратам преку оваа посета и овие средби е порака на посветеноста на ЕУ na заедничката европска судбина. Би сакал да испратам уште една порака, а тоа е за потребата интензивно да продолжи дијалогот кој веќе го водиме и кој ќе продолжи бидејќи е важно да се постигне едногласност во Европскиот совет, да се постигне договор меѓу сите европски земји за оваа заедничка цел’, рече Мишел.
Претседателот на Советот го заокружи престојот во земјава со посета на локација близу Скопје каде се гради инфраструктура за собирање отпадни води, голем проект кој ЕУ го финансира со 9,7 милиони евра. Проектот е само дел од значителните напори на ЕУ да и’ помогне на земјата да се грижи подобро за животната средина и да придонесува за остварување на амбициозната агенда што неодамна ја усвои ЕУ и која е позната под името ’Зелен договор’.