Скопје светна портокалово на Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените
Со биење портокалови ѕвончиња во паркот Жена борец во Скопје, Северна Македонија стана дел од глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“. Европската Унија им се приклучи на Владата и на градските власти, како и на Обединетите Нации и ОБСЕ, во изразувањето поддршка за искоренување на овој алармантен проблем, кој е се’ уште премногу чест и се појавува во различни форми во сите општества.
Секоја трета жена во Европа има искусено физичко и/или сексуално насилство. Речиси сите жртви на трговија со луѓе заради сексуална експлоатација во ЕУ се жени или девојки. Во земјите во развој, секоја трета девојка се мажи пред да наполни 18 години. Најмалку 200 милиони жени и девојки биле подложени на генитално осакатување, кое се’ уште се спроведува во триесетина земји. Како продолжение на глобалната клима создадена од неодамнешните движења како #MeToo, #TimesUp, #Niunamenos, #NotOneMore или #BalanceTonPorc, годинашната кампања на ОН се фокусира на силувањето и на „културата на силување“, која го нормализира сексуалното насилство со разорните последици што тоа ги остава врз жртвите.
На настанот во Скопје, амбасадорот Самуел Жбогар го опиша како вознемирувачки податокот дека насилството врз жените во целиот свет главно не се пријавува. „И’ честитам на Северна Македонија за напорите што ги прави по ратификувањето на Истанбулската конвенција. Три нови кризни центри за жртви на сексуално насилство се отворени во Скопје, Тетово и Куманово. ЕУ финансира регионална иницијатива за борба против родово базираното насилство. Ќе продолжиме да работиме со Владата на подобрување на работата на полицијата и на медицинските и социјалните служби. Жените треба да имаат доверба за да пријават насилство“, рече Жбогар.
https://twitter.com/AmbassadorEU/status/1199287994798264320
Високата претставничка Федерика Могерини неодамна, на меѓународен форум во Јапонија, се осврна на поврзаноста меѓу родово базираното насилство и стабилноста и мирот во општествата. „Насилството против жените вклучува различни форми: од економска неправда до социјални разлики, недостиг на правично здравство, како и физичко, ментално и емотивно насилство главно врз жени и девојки. Ако општеството не е правично, нема да има одржлив мир“, рече Могерини.
Во наредните 16 дена, односно до 10 декември - Меѓународниот ден на човековите права, над 6.000 организации во 187 земји заеднички ќе ги мобилизираат жените да преземат колективна акција за побрза ратификација и спроведување на двата документа кои неодамна ги усвои Меѓународната организација на трудот заради санкционирање на насилството и вознемирувањето на работно место.