Средношколските дебати стануваат прекугранични: Ученици од Северна Македонија разговараа за предизвиците со врсници од Косово и Србија, и со амбасадорите на ЕУ
Традиционалните дебати на амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија со средношколците добиваат нова, прекугранична, димензија.
На 3 февруари се одржаа две онлајн средби – првата со учество на ученици од Тетово и Призрен, Косово, и втората со средношколци од Куманово и Врање, Србија. Учениците, заедно со ЕУ амбасадорите Дејвид Гир, Томаш Шунјог и Сем Фабрици, како и со млади европски амбасадори, разговараа за менталното здравје и за квалитетното учење – прашања што добија особена важност во периодот на ковид-19 и кои се дел од целите на Стратегијата за млади на ЕУ.
https://twitter.com/AmbassadorEU/status/1357006941353091073
Дискусиите на првата тема беа особено живи – и тоа со добра причина. Сите ученици се согласија дека ограничувањата во нивниот социјален и образовен живот постепено им предизвикуваат емотивни тешкотии (една од учесничките рече дека „она што не’ дефинира како човечки битија се социјалните релации’’). Тие беа едногласни дека е крајно време да се разбие општествената стигма за луѓето со проблеми со менталното здравје, да се подигне јавната свесност и да се обезбеди поголема поддршка од училиштата, особено од нивните тимови од психолози. Една девојка досетливо забележа дека „училиштето не служи само за академски успех; затоа треба да се поработи на триаголникот училиште – родители – ученици’’. Друг учесник го сподели своето лично искуство со Аспергеров синдром за да појасни дека момент на тага не значи депресија и оти секој треба да научи да ги прифаќа своите чувства. „Поентата не е да се биде среќен цело време. Да се чувствува тага одвреме навреме е нормално’’, рече ученикот. Амбасадорот Гир ги посоветува средношколците да ги слушаат своите чувства – важно е да се побара стручна помош (ако ситуацијата го налага тоа), но клучно е учениците да им помагаат на своите пријатели и сокласници кои се соочуваат со потешкотии, како и да се борат против врсничкото насилство и малтретирање.
https://twitter.com/EUAmbKS/status/1356940548297416705
И образованието беше инспиративна тема за средношколците, не само поради предизвиците што им ги наметна онлајн наставата. Бленди Ходаи, претседател на Средношколската унија на Северна Македонија и ученик во тетовското училиште кое беше дел од дебатата, нагласи две работи: дека постои разлика меѓу школување и образование (првото е формално, а второто трае цел живот) и оти наставата е двонасочен процес, кој вклучува наставници што умеат да пренесат знаење и ученици што сакаат да учат. Секој од ЕУ амбасадорите појасни дека во Унијата, земјите-членки разменуваат најдобри практики и искуства со цел да развијат вештини и знаења со кои учениците ќе одговорат на динамичните барања на пазарот на труд и на социјалниот, економскиот и технолошкиот напредок, како што се дигитализацијата и Зелената агенда. Го нагласија ангажманот на ЕУ во образовните реформи во регионот, забележувајќи дека постои несовпаѓање меѓу расположивите квалификации и работните места, што е последица и на одливот на мозоци, кој го погодува целиот регион. Амбасадорот Гир рече дека образованието му носи додадена вредност на општеството – тоа треба да ги обезбеди учениците со неопходните вештини, но и да биде инклузивно и да промовира доживотно учење. Оттука и поддршката од ЕУ за концептите што имаат за цел да ги прилагодат наставните програми кон барањата на пазарот на труд и на тој начин да помогнат во создавањето подобри можности за вработување на младите.
https://twitter.com/FabriziSem/status/1357001623135023104
Потврда за важноста што ЕУ им ја придава на младите е нејзината Стратегија за млади. Развиена врз основа на три збора (ангажирање, поврзување, оснажнување), Стратегијата поттикнува учество на младите во демократскиот живот, поддржува општествен и граѓански ангажман, и се обидува да им ги обезбеди на младите потребните ресурси за учество во општеството. Менталното здравје и квалитетното учење се меѓу 11-те цели на ЕУ за младите, кои исто така вклучуваат: поврзување на ЕУ со младите, родова еднаквост, инклузивно општество, информирање и конструктивен дијалог, поголеми можности за младите во руралните подрачја, квалитетно вработување за сите, простор и учество за сите, одржлива зелена Европа, како и младински организации и европски програми.