Среќен прв роденден, Јуроп Хаус!
Музичари свират џез, сликари создаваат дела во живо, пантомимичари раскажуваат приказни без зборови... Вака излогот на Јуроп Хаус ги забавуваше минувачите и голем број следбеници на Фејсбук по повод нејзиниот прв роденден и во услови на пандемија.
На 4 ноември 2019 година, претседателот на Европскиот Парламент Давид Сасоли ја отвори Јуроп Хаус со пораката: млади луѓе, ова а место за вас да се собирате, да разменувате идеи и да се поврзувате со други, а со цел да создадете нови можности за себе и за вашата земја.
Една година подоцна, Јуроп Хаус има многу причини да биде горда на она што го постигна. Покрај многуте настани во и надвор од своите простории (како посети на средни училишта и акции за чистење ширум земјата), во кои беа вклучени стотици говорници и илјадници учесници, Јуроп Хаус организираше и онлајн дебати, преноси во живо и подкасти, како начин да продолжи со работа во услови на пандемија.
https://twitter.com/AmbassadorEU/status/1323947742482280448
Разбирливо, ковид-19 го одреди и начинот на кој се одбележа роденденот. Целодневната онлајн програма не се состоеше само од перформанси во излогот на Јуроп Хаус. Беше претставена и мобилната апликација ‘Virtual Europe House’, која е наменета за младите да организираат, да споделуваат или да учествуваат во настани од нивни интерес. Амбасадорот Дејвид Гир и неодамна избраните десет млади европски амбасадори и аташеа од Северна Македонија разговараа за предизвиците на новата генерација. Програмата заврши со онлајн ноќна забава со локален ди-џеј.
https://twitter.com/AmbassadorEU/status/1324010732590108674
Јуроп Хаус планира да го прослави својот следен роденден со повеќе простории и со уште повеќе активности и можности за младите. По огромниот број позитивни реакции за работата на Јуроп Хаус во Скопје, се планира вакви центри наскоро да се отворат и во Крива Паланка и Струмица.